scenafilm

При крај е снимањето на филмот „Дедо и внук“ на охридскиот режисер Илија Пиперкоски

Охрид, 11. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Привршува снимањето на долгометражниот игран филм „Дедо и внук“ на охриѓанецот Илија Пиперкоски.

Овој „целосно охридски филм“, како што го нарече режисерот, започна да се снима на 21-ви април, во истата куќа во стариот дел на Охрид, каде во далечната 1961 година се снимаше првата македонска комедија „Мирно лето“.

filmdedoivnuk scenafilm2Ова се најубавите денови во мојот живот. Вака накратко можам да ги опишам овој период додека го снимаме филмот. Досега се оди според планот и проекциите. При крај сме со снимањето, сега не очекува период на пост продукција на самиот филм, истакна режисерот Пиперкоски.

– Со оглед на тоа што во филмот се користи охридското наречје, со актерите воопшто немав проблем. Сакав да го направам сето ова што поверодостојно. Во самиот филм имаме охридски фамилии. Иако главниот лик е од Скопје, неговото потекло е од Охрид, рече Пиперкоски.

IlijaPiperkoskiШто се однесува на локациите каде се снима филмот, Пиперкоски вели дека главна локација е Сараиште, каде се наоѓа куќата на дедо Никола, потоа околу Канео, со оглед на тоа што дедото работи како клисар во црквата и нормално улиците во стариот дел на Охрид.

Продуцентот Огнен Антов упати огромна благодарност до сите охриѓани на трпеливоста, на тоа што излегоа во пресрет и на било кој начин го помогнаа реализирањето на филмот, како и до оние кои ги отворија вратите за снимањето.

Филмот е со буџет од околу 400 илјади евра и е копродукција помеѓу Република Македонија и Романија. Агенцијата за филм на Република Македонија за него одвои 16 милиони денари, со поддршка на „Илијан филм“ од Романија.

MimiTaneskaМногу се радувам што по „Мирно лето“, ова е прво филмско остварување, целосно реализарано во Охрид, од охридски режисер, потенцира директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска – Илиевска.

– За мене причинува огромно задоволство кога се снима некое ново македонско филмско дело. За „Дедо и внук“ можам да кажам дека е една типична приказна која припаѓа токму на овој град, вели Ѓоргоска – Илиевска.

Според најавите на режисерот Пиперкоски, филмот „Дедо и внук“ премиерно ќе биде прикажан, секако во Охрид, во февруари идната година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес