todorsidorov

Сидоров: Бистро „Corner“ – место до кое вреди да се дојде и да се ужива

Охрид, 12. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Велат дека за пријатна музика, добра атмосфера и беспрекорна услуга, вреди да се трага, со цел да се дојде до вистинскиот локал. Токму тоа, во пакет со многу неочекувани пропратни пријатни изненадувања, според голем дел од охриѓани, го има во Bistro „Corner“.

Денес локалот одбележува една година постење.

По тој повод, ги покануваат на роденденска забава сите нивни пријатели, клиенти, гости и посетители, кои во изминатава година уживаа во бројните забави, во пријатните мигови поминати со пријателите и блиските, и кои се насладуваа на сите гурмански задоволства што се послужуваат покрај различните видови кафе и пијалоци.

Што го прави Bistro „Corner“ оригинално и придонесува да биде омилено место за релаксација на охриѓани, разговараме со еден од менаџерите, Тодор Сидоров, дел од персоналот, но и самите гости. Прочитајте го интервјуто за Супер радио и OhridPress.

timcorner

Супер радио: Среќен роденден на локалот од тимот на Супер радио! Роденденски, денес како ќе ги пречекате гостите?

Сидоров: Забавата ќе започне во 17 часот со Dj Aleksandar, а ќе продолжи со дуото од Кавадарци, Пикси & Перо. На понудата на целосното мени, како закуските, слатките, така и на пијалоците, за денес роденденски имаме 25% попуст.

Супер радио: Една година од отворањето… Си велите ли дека си поставивте доволно силен предизвик, за да го постигнете очекуваното?

Сидоров: Нормално дека секој почеток е тежок, немавме некои очекувавања, но сега после една година, веќе знаеме што да очекуваме, знаеме што сака градот, што сакаат посетителите и максимално сме подготвени да им понудиме сé што сакаат.

Супер радио: Објект поставен на аголот од, како што популарно велиме, „почетокот или крајот на чаршијата“, симболично и веродостојно си го носи името – Bistro „Corner“. Како ја оценивте потребата токму за еден ваков објект во градот?

cornerrodenden1

Сидоров: Речиси 90% од кафе – баровите се лоцирани покрај езеро или во близина. Сметавме дека има потреба да бидеме различни од другите. Забележавме дека „корнерот“, односно аголот, е токму такво фрекфентно место и ќе привлекува клиентела. Ова е вообичаено за светските метрополи, но кога ние го отворивме, беше малку поново и невообичаено за Охрид. Не погрешивме што одлучивме токму овде да се позиционираме. Имавме на почетокот отворена тераса, па имавме преуредување, терасата ја заградивме, со што се смени целиот изглед на објектот.

Супер радио: Се забележува дека сте омилено место за посета кај различни категории на граѓани, дека нема строга поделеност. Но, дали, има поврзаност со делот од денот и возраста на гостите?

Сидоров: Немаме некоја строга шема, но гости ни се во различен период од денот, различни категории на луѓе. Наутро, па некаде до крајот на работните часови, најчесто нé посетуваат луѓе кои работат во околните дуќани, објекти, канцеларии и слично. Подоцна, во текот на денот, доаѓаат помлади луѓе.

cornerponuda2

Супер радио: Во однос на забавите кои ги организирате, кои се оние најинтересните што привлекуваат најмногу посетители?

Сидоров: Тоа е во еден дел и на промените кои ги воведовме. Се забележува дека на Охрид му се потребни забави по работно време, популарните after work забави, кои ги има во некои други локали, но не се толку чести, и нема некој континуитет. Овој вид на забави се прифатливи за поголем број на посетители. Што се однесува до артистите кои настапуваат, дали дј-и или рок музичари, досега никогаш не сме имале било какви пречки во преговорите со било кои од нив. Во главно сакаат музичарите да настапуваат пред луѓе, а секако тоа е и дел од нивната работа и егзистенција. Преферираме атмосферата да е поопуштена, со релаксирачка музика, а жанровски малку повеќе сме ориентирани кон рок музиката. Минатото лето многу актуелни беа и забавите со дј-и. Планираме и ова лето да биде така. Ќе има место и за забави со дј-и, но и добрите свирки во живо со пејачи и бендови.

Супер радио: Освен што кафе-муабетот е „главната состојка“, во Bistro „Corner“ човек може и убаво да се заслади. Солени, слатки понуди на храна, свежо овошје, алкохолни и безалкохолни пијалоци, најразлични видови на кафиња… Како ја надополнувате понудата од храна и пијалоци?

Сидоров: Започнавме со ладни сендвичи. Овој концепт го нудеа пред нас, еден или два локали, а се покажа како успешно и луѓето беа задоволни. Го проширивме менито и со тостови. Соработката со „Тамаро маркети“ и АМ ја имаме извесно време, задоволни сме со нивните производи од слатки на слаткарницата „Анабела“. Планираме и понатаму да ја прошириме линијата на слатки производи. Во соработка со винариите, вината ги нудиме по пониска цена. Имаме квалитетно точено пиво, кое е доста барано кај гостите. Во моментов го имаме како новитет Hagen-Dazs сладоледот, светски бренд. Се обидуваме да го пробиеме на пазарот, затоа што е нешто ново кај нас.

cornerponuda1

Супер радио: Кој е моментално најбаран производ?

Сидоров: Во моментов тоа се вафлите со нутела и јагода. Имаме квалитетно кафе, кое го сакаат луѓето. Имаме доста клиенти, кои нé посетуваат само заради кафето. Имаме храна  и кафиња за носење.

cornerponuda4

cornerponuda3

Супер радио: Која Ви е визијата да се развивате како локал понатаму?

Сидоров: Целта ни е постојано да воведуваме нови производи. Ќе се фокусираме на кујната, затоа што имаме можност да ја прошириме дејноста на тоа поле. Ќе воведуваме секоја сезона по два-три нови производи.

Ели Маслова е дел од персоналот кој работи во објектот.

elimaslova

Супер радио: Како дел од тимот за послужување, директно сте во контакт со луѓето, кои доаѓаат во локалот. Па, кои се најбараните пијалоци, или храна?

Маслова: Јас сум веќе два месеци дел од тимот на Бистро „Corner“. Возрасните најмногу сакаат кафе, сите видови кафиња. Посетителите исто така сакаат сок од портокал, сок од јаболко. Најмладите најмногу ги сакаат благите вафли, тие се хит. Но, и повозрасните не можат да им оддолеат.

Супер радио: Кои забави, пак, се најпосетувани?

Маслова: Младите уживаат во музиката со дј-и, кога има странска музика. Но, има посетеност и за after work забавите.

cornerrodenden3

Супер радио: Искрено, дали можеш да ни кажеш, која смена на работа тебе лично ти е најпогодна за работа?

Маслова: Со оглед на тоа дека сум млада, првиот дел од денот ми е најубаво ако ми помине во добра работа, ангажираност, постојано движење. Но, втората смена има други позитивни страни, на пример, ако има забави, свирки, тогаш е повесело.

А што велат гостите?

Од разговорот со посетителите кои ги сретнавме, дел го издвојуваат како посебен впечаток кафето, дел сметаат дека најубаво е да се седи на терасата во добро друштво, дел ги сакаат забавите. Но сите се согласуваат во едно: Бистро „Corner“ уште долго ќе биде нивен прв избор за посета и релаксација.

cornerrodenden4

– Јас сум речиси секој втор ден овде, таква ми е работата, постојано контакти со луѓе, дистрибуција, па тука седнуваме во Бистро „Corner“ на разговор, кафе, добра атмосфера.

– Порано не ги посетував толку, но во последно време сум почесто, со пријателите знаеме да се напиеме кафе. Слушнав имало добри слатки и вафли, па ќе ги пробаме.

cornerrodenden5

– Често пиеме кафе тука, добро место е.

– Мене ми се допаѓаше и кога беше отворено, но убаво е и вака. Блиску до чаршијата, тука се наоколку сите дуќани, се дел од импресиите на задоволните клиенти кои го посетуваат Бистро „Corner“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес