Избор Охрид Спорт

Наскоро „Охрид трчаТ“

Охрид, 17. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 4-ти јуни во организација на Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите – сите за спорт“, ќе се одржи спортско – рекреативната манифестација „Охрид трчаТ“.

Овој настан беше најавен преку кампањата „И јас сум дел од тоа“ за што беше изработен промотивен видео спот. При формирањето на асоцијацијата зацртавме неколку спортски настани кои би сакале Охрид да ги види, се` со цел да дадеме придонес на растечката тенденција на спортски настани кои се одржуваат во градов, истакна претседателот на Асоцијацијата за спортови, Иван Цветкоски.

– Трчањето го избравме бидејќи тоа е основа за развој на секој спорт. Од друга страна пак е и како превентива и ветар во грб за здрав психофизички живот. На оваа спортска манифестација накоја и дадовме симболично име „Охрид трчаТ“ предвидени се трки од 10 и 5 километри. Трката од 5 км ќе биде за рекреативци и ќе биде тим билдинг трка, со што даваме можност на компаниите да учествуваат. 10 км е градска трка многу актуелна во светот и мислиме дека преку неа ќе го постигниме професионалниот однос на целата организација, вели Цветкоски.

Ohridtrcat4Настанот ќе трае од први до 4-ти јуни. На први јуни ќе има училишна трка која ќе се одржува на кеј „Македонија“. На 3-ти јуни ќе биде експото, односно доделување на стартните пакети. Цветкоски рече дека тоа ќе се одржи на платото пред Центарот за култура „Григор Прличев“. Истиот ден ќе има уште неколку настани поврзани со деца, со родители како и со лица со попреченост.

– Главниот настан е на 4-ти јуни со почеток во 10:00 часот. Стартот и финишот ќе бидат на градскиот плоштад. Охрид преку трката ќе доживее афирмација со оглед на тоа што ќе се реализира во центарот на градот. Оваа манифестација пред се туристички афирмативно ќе делува на нашиот град. Планираме ова да биде традиционален настан и да донесеме познати имиња, потенцира Цветкоски.

Ohridtrcat2Околу техничката организација, Антонио Додевски од Асоцијацијата за спортови информира дека пријавувањето е отворено на порталот smartrace.club и ќе трае заклучно со 2-ри јуни.

Стартните пакети ќе бидат со промотивни цени. 500 денари за 10 км и 300 денари за трката од 5 км. Пакетот ќе содржи стартен број со електронски чип за мерење на времето, кое ќе биде онлајн споделувано од неколку позиции на патеката и секако од финишот, рече Додевски.

– Стартот и целта се на охридскиот плоштад. Трасата ќе се движи по улиците „Македонски просветители“, „Партизанска“, „Јане Сандански“, „Димитар Влахов“, „Туристичка“. Од кружниот тек со улицата „Абас Емин“, трката продолжува во стариот дел на градот. Од Горна порта се оди по „Илинденска“, па црквата „Св. Софија“, Сараиште се` до Градскиот кеј, истакна Додевски.

Тој информира дека трката на 5.000 метри ќе се состои од еден круг, додека онаа од 10.000 метри ќе има два круга. На неколку пунктови ќе има медицински екипи со тимови на прва помош од Црвен крст – Охрид, на два пункта кај Горна порта и кај Гимназија ќе бидат поставенени освежителни пунктови. Доделувањето на наградите ќе биде на градскиот плоштад за каде е предвидена забава со DJ. Трката ќе оди online на YouTube и Facebook, рече Додевски.

Награден фонд годинава ќе има само за професионалната трка која ќе се трча на 10 километри. Тој изнесува 200, 150 и 100 евра во денарска проиввредност соодветно за прво, второ и трето место, во машка и женска конкуренција. За рекреативците ќе има посебни изненадувања од организаторот.

Од Асоцијацијата за спортови „Спорт за сите – сите за спорт“ истакнаа дека се надеваат дека оваа манифестација ќе прерасне во традиционална. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука