Забава Избор На кафе со... Охрид

Димче Китрозоски: Ohrid SUPERSTAR да прерасне во традиција која ќе го раздвижи нашиот град

Охрид, 25. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во неговото семејство музиката е лепакот кој ја држи и подмачкува семејната атмосфера. Тој е Димче Китрозоски, електороинжињер кој ја „погрешил“ струката, но отсекогаш искрено знаел дека музиката е таа која тече низ неговите вени.

И не погрешил во следењето на сопствената интуиција, оти музиката, поточно уметноста (бидејќи полвина од неговата креативност ја троши на создавање витражни дела ) му донела „уметнички“ животен стил со многу награди и успеси. Неодамна го видовме како дел од жири комисијата на првото талент шоу Ohrid SUPERSTAR. За впечатоците и новите искуства прочитајте во интервју за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Беше дел од екипата која храбро застана зад проектот Ohrid SUPERSTAR. Секогаш позитивен и подготвен да се вложиш себе си во она што го работиш со максимален капацитет. Беше ли предизвик да се биде дел од Ohrid SUPERSTAR?

Китрозоски: Најпрво да се заблагодарам за епитетите од вашето поставено прашање, бидејќи вистина ми годи каков впечаток сте добиле за мене во текот на ова шоу. Да, беше предизвик и тоа поголем од што самиот си претпоставив.

Супер радио: Како и во животот, така и во шоуто, понекогаш мора да се искористи и црвениот тастер. Со оглед на тоа што сме мала средина, беше ли тешко и имаш ли грижа на совест дека можеби некаде згреши?

Китрозоски: Се` уште ја чувствувам тежината на моментот кога требаше да се притисне црвениот тастер, но не би рекол дека згрешив. Ме растоварува фактот што при случајните средби со кандидатите кои сум ги „поцрвенал“ гледам дека тие доблесно го примија тоа и нив веќе им е јасно и се сложуваат со таа одлука. Убеден сум дека тоа во иднина ќе ги направи посилни.

Супер радио: Гледачите во салата и оние зад малите екрани видоа само мал дел од Ohrid SUPERSTAR. Беше многу интересно и зад сцената. Има ли нешто што ти остави силен впечаток, можеби некој настан, анегдота?

dimcekitrozovski2

Китрозоски: Ова ново супер шоу беше слатко затоа што изобилуваше со такви моменти. Еве еден: Даниел имаше пред него куп хартии со некакви опширни белешки за кандидатите. Во еден момент ние се настојувавме да ни открие што е тоа, но не добивме конкретен одговор. На тоа ние сами моравме да заклучиме – Ах, ти имаш сношти напишано на YouTube How to comment live on talent show, и сега се расфрлуваш со препишани коментари :).

Супер радио: Во оној момент кога се повлековте од сцената за да го одлучите победникот на шоуто, имавте ли спротиставени мислења или сите бевте едногласни во крајната одлука кој ќе ја добие првата парична награда од 2.000 евра?

Китрозоски: Ако во текот на изминатите 5 епизоди не бевме самите одлучни, во тој момент не беше така. За таа награда бевме едногласни, а за другите, многуте други награди ни требаше време и дискусија за да се сите среќни и задоволни.

dimcekitrozovski3

Супер радио: Наградата која значеше учество на Охрид фест со песна со твојот потпис и спот со потписот на Борче Димоски ја доби Ивана Коскоска. Ќе ни откриеш ли жанровски за каква песна станува збор, се подготвува ли?

Китрозоски: Нема да откријам подробности, само ќе кажам дека песната е некаде на половина. Со оглед на капацитетот кој го имаме, Ивана Коскоска со својот раскошен вокал и Борче Димоски кој ќе биде задолжен за целиот видео изглед на овој настан, сигурен сум дека тоа ќе биде освежувачки полн погодок.

Супер радио: Професионалците не се луѓе кои се знаат се`, туку луѓе кои ги почитуваат поставените принципи. Кандидатите научија многу од твоите совети како ментор, се разбира и од коментарите после настапот на секој од кандидидатите, но што е она што Димче го научи од снимањето на ова шоу?

Китрозоски: Научив дека во еден мал град, може да се организира и продуцира едно големо културно збиднување со голем број таленти од различни области, во што и самиот бев некако скептичен. Научив и дека Охрид има професионалци камермани, монтажери, сценографи, аудио техничари, водители, логистика која може да се справи со ваков проект. Се надевам дека ова ќе прерасне во традиција која ќе го раздвижи нашиот преубав град, на кој тоа сигурно му е и повеќе од потребно.

Супер радио: Твоето студио од полуфиналето до финалето беше претворено во вистински „џубокс“. Се бараше вистинската песна која прилега на вокалот на секој од кандидатие. Што беше клучно да успееш да оставиш впечаток и да се докажеш во очите на жири комисијата на Ohrid SUPERSTAR?

Китрозоски: Покрај вродениот талент и трудот, како и во животот, потребен е момент во кој ќе се спојат повеќе прави во една точка која понекогаш ја нарекуваме среќа. Тоа беше неопходно, сите три работи заедно во моментот кога ќе застанат на сцената.

dimcekitrozovski4

Супер радио: За крај, на што си посветен во моментов и кој е твојот следен предизвик?

Китрозоски: Во моментов работам на неколку проекти за странство, на проектот со професор Илија Булоски, на неколку песни со Тони и две жени, песните за Ивана и Емилија и Охрид Фест. Неодамна завршивме со фестивалот „Распеано рибарче“, продолжувам со „Чунга Лунга“, нормално со моите најконстантни артисти во моето студио Жармена и Ева и не заборавам да се префрлам во другото катче од моето студио да искомпонирам некое дело со витражно стакло! (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука