fotelja

Изборите закажани, кој се` ќе се бори за првата фотелја во Охрид?

За Охридцките работи
Бр. сл. 022/06/2017
Охрид, 05. јуни 2017 година

Со закажувањето на локалните избори за 15-ти октомври, се` погласни се кандидатите кои би сакале да се видат, удобно седнати во првата фотелја на улица „Димитар Влахов“ бр. 57.

Партиски и непартиски, бизнис групации и поединци, хотелиери, професори, полицајци, знајни и незнајни ликови во охридската јавност. Во овие рамки се движи фото-роботот на новиот градоначалник на Охрид.

Стариот, д-р Никола Бакрачески, деновиве дава ишарети кон новата власт дека „локалната ќе соработувала со новата Влада без предрасуди, во интерес на граѓаните и проектите кои течеле“. Иако себеси често се доживуваше и како политичар (во неколку наврати тоа го кажа во сопствени, со ништо предизвикани изјави!!!), тоа тешко му одеше во периодов наназад. Сепак, со последните потези кои ги влече, очигледно е дека тој го испекол до некаде занаетот и делумно ја совладал „школата“, иако важеше за недостапен и тврд изминатите четири години (таму каде што можеше). Според анкетите, тој во моментов би бил најдобрата опција за ВМРО-ДПМНЕ ако партијата сака да се обиде да ја задржи власта во Охрид. Тука ќе се води една од најтешките битки во државата и повеќе од јасно е дека ќе се обидат по секоја цена да ја задржат предноста. Од друга страна, дали докторот е подготвен за уште една рунда и со што се` ќе биде убедуван да го направи тоа, останува да покаже времето.

Што не чека до 15-ти октомври?

Нас се надевам дека не чека долго и топло лето, а овие од погоре ги чека тешка борба за секој глас, затоа што смената на власта на државно ниво поставува сосема нови стандарди на играта. ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Охрид традиционално беа пата-пата, па сега ќе се води вистинска „војна“ и рововска борба од куќа во куќа, за секој глас. СДСМ сега во своите редови го има скоро целиот албански блок, традиционално силната во Охрид ВМРО-НП не гледа со големи симпатии кон старото друштво, што во слободен превод би значело дека доколку од СДСМ успеат да „убедат“ и дел од Египќаните кои се во солидна бројка, јасно е дека тие заедно ќе бидат „Мажино линијата“ пред налетот на ВМРО-ДПМНЕ. Како и да е, опцијата „Охрид не смее да падне“ е да се биде или не за двете партии и најверојатно таков ќе биде и односот кон темата.

Оние кои ги следат посериозно политичките движења во земјата и градот, врските и испреплетените интереси меѓу главните играчи, кои од позадина ја водат целата игра, добро знаат дека сега е вистинско време за веќе фамозната „Трета опција“ (ако веднаш помисливте дека нема време – има, сетете се само на НСДП кои паднаа на Тројанската фора или новите од БЕСА кои, ако не им текне со време, најверојатно ќе се лизнат на Тиранската). Сепак, тоа тешко дека ќе се случи, се` додека не расчистиме со себе дека етничката припадност не е професија. Кога тоа ќе го научиме, со вистински лидер, ќе се создаде таква политичка сила, која ќе дојде на местото на овие ментални Лилипутанци чии потези „железни врати отвораат“. Тогаш нема да ни биде потребен „проект“ од USAID или Сорос за да испиеме кафе со пријателот Албанец или Турчин.

Додека созрееме за научнава фантастика од погоре, поставеноста на силите во моментов е поволна и за независните кандидати. Тие ќе можат, доколку се умешни и вложат поголеми финансии, а особено сериозен PR и маркетинг, да бидат вистинското освежување наспроти двата големи политички мастодонти. Едните после 10 години на власт кажаа што имаат да кажат, додека другите се во цврста коалиција со половината од проблемот од изминатите 10 години. Тоа предизвикува несигурност кај граѓаните, кои веќе традиционално не гласаат ЗА на изборите, туку против тој што е во моментот на власт. Кај независните, она што е од најголемо значење е самиот кандидат, кој на свои плеќи ќе мора да го понесе целиот товар, ќе мора да понуди свежи, брзи и реални – менаџерски решенија за градот. Да се исфрлат изговорите како начин на политичко делување и сопствената неспособност да се префрла на другата страна. Со „и Вие правевте така“, стигнавме до овде и тоа мора итно да се промени.

Она што мора да се земе во предвид во равенката секако е фактот што СДСМ по победата ќе биде во сериозен налет на државно ниво. ВМРО-ДПМНЕ во Охрид со популистички потези како кружни текови, поситни партерни уредувања и патишта од неколку стотини метри, патеките во стариот дел, кај Каналот и блатото, почетоците на градба на базенот и автобуската станица, сепак мора да се признае дека го мрдна Охрид од мртвата точка. Дали можеше повеќе? Не можеше… Мораше повеќе, особено со фактот што во нивни раце беа и локалната и централната власт. Најлошото сценарио за градот во моментов е да имаме државна власт од една, локална од друга партија, кои и да се тие. Овој филм го гледавме со претходниот градоначалник и тоа ќе значи стоење во место барем уште 4 години.

Исклучително важно е што се` погласни се граѓаните, трпението им е на најниско можно ниво и веќе однесоа една голема победа (со стопирањето на постапката за Студенчишко блато), што треба да биде само мотив повеќе во иднина да бидат се` погласни во барањето на своите права и заштитата на заедничкото добро.

Во чаршијата веќе се во оптек неколку имиња кои се спомнуваат како најсериозни кандидати за првата градска фотелја. Ако се исфрлат кандидатите кои освен желба немаат што друго да понудат, остануваат неколку лица, партиски и непартиски, членови и претставници на силни бизнис групации, хотелиери, професори, полицајци… Заедно со Бакрачески како старо-нова опција, тука некаде, помеѓу желбите и реалноста се крие новиот прв човек на Охрид.

До тогаш, подгответе се за еден од најинтересните изборни циклуси во поново време. Влогот е преголем, картите се мешаат, а наскоро ќе бидат поделени на масата.

За крај неколку думи од баш-охриѓанецот Прличев, колку да го стават прстот на умот сите „потенцијални кандидати“:

Kога Господ ти викат чувај се, многу појќе ти викат да си ја чуваш таткојната. За тоа колку да бидит чоек нечесен, пак таткојната му је најмила на векот. Зашчо татко имаме еден, а таткојната је многу таткој. Мајка имаме една, а таткојната је хилјади мајки. Братја, имаме пет или десет, а таткојната је неброани браќа. Еден чоек шчо не си, а милвит таткојната појќе од татка и мајка, и појќе от себеси, тој не можит да бидит чесен чоек.
Ако те разбереет оти мамиш, сетне и вистина да велиш никој не ќе те вервит!

Григор Прличев

Сашо Митан