Barrelrow1

Barrel Row: Преку Ohrid SUPERSTAR ги освоивме симпатиите на публиката

Охрид, 8. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Рокенролот е нивно врзно ткиво, а кога желбите се поклопуваат со талентот, тогаш само универзумот може да биде граница. Ваков впечаток се добива кога разговарате со триото Лазар Милошески, Виктор Јолакоски и Ѓорѓи Мангоски или членовите на бендот Barrel Row. Лазар свири бас гитара и е вокалот кој ви ја дели кожата кога пее, Виктор е пратечки вокал и гитара, а Ѓорѓи или Манго Вајлд ги свири тапаните.

Ги слушаме низ охридските локали, но многу подобро како бенд ги запознавме преку талент шоуто Ohrid SUPERSTAR. За импресиите од снимањето на шоуто разговаравме со Лазар Милошески, лидерот на бендот Barrel Row

Супер радио: Треба огромна храброст, надополнета со доволна доза самодоверба за да се пријавиш на локално талент шоу. Чиј беше предлогот и што беше мотивирачки за да се пријавите како бенд на Ohrid SUPERSTAR?

barrelrow3
Милошески: Предлогот, најпрво беше на шега и потоа Виктор пратил мејл, најпрвин мислевме дека се шегува, но излезе дека не било така, и по кратко размислување, решивме да настапиме.

Супер радио: Стигнавте до полуфиналето, ама впечатокот,  па дури и коментарите на јавноста беа на страната дека ако имаше уште неколку седишта во „возот“ кој води до финалето, тогаш сигурно и Barrel Row и High Voltage ќе влезеа во финале. Разбирате ли во колку тешка позиција беа ставени членовите на жири комисијата?

Милошески: Нашиот вагон на тоа поле се откачи, но сепак сме благодарни на позитивните коментари, а најбитното за нас од шоуто го добивме, а тоа се симпатиите на публиката.

Супер радио: И квалитетот и ентузијазмот кај вас го забележа Зоран Кречо, кој во шоуто се појави во улога на ментор. Тој многу добро го знае патот по кој чекорите оти и самиот го одеше истиот. Ве награди со можност да снимите во неговото студио „Кречо Саунд“ една авторска песна. Влеговте во студио?

Милошески: Веќе завршивме со две авторски песни, сега се во фаза на миксање и очекуваме за многу кратко време да бидат готови, со тоа што едната ќе ја промовираме за јавноста веднаш штом биде готова, а другата ќе ја чуете и видите малку подоцна со спот. А на Кречо сме му неизмерно благодарни за сета поддршка и сугестии што ни ги даде во текот на шоуто, а и надвор од него.

Супер радио: Талнт шоута се совршена сцена или совршена отскочна даска преку која оние најдобрите одеднаш и преку ноќ стануваат јавни личности. Беше ли тешко да се следи темпото и запоставувавте ли некои работи за да можете да се посветите на пробите за шоуто?

Милошески: Не запоставивме ништо, затоа што веќе бевме навикнати на такво темпо и пред тоа, поради нашите свирки, за кои секако се потребни многу проби, така што само прдолживме.

Супер радио: Секое  искуство носи нови „лекции“. Какви се вашите впечатоци после снимањето на шоуто и што вие како бенд научивте од ова ново искуство?

Милошески: Нашите впечатоци за шоуто се Ок, со оглед на тоа што се организираше прв пат, па беше ново и за организаторите, кои изненадувачки добро се снајдоа за прв пат, а од истото научивме што треба, а што не треба на вакви шоуа.

barrelrow5Супер радио: Треба ли оваа SUPERSTAR приказна да продолжи и би го направиле ли тоа повторно, би се пријавиле ли пак еве да речеме догодина на Ohrid SUPERSTAR 2?

Милошески: Секако дека треба да продолжи, затоа што охридско струшкиот регион изобилува со таленти, и е прекрасно место за истите да се покажат. А ние не би се пријавиле, затоа што тоа што нам ни требаше го постигнавме на шоуто.

Супер радио: Каде настапувате низ градов? Каков е репертоарот кој љубите да го свирите?

Милошески: Низ градов моментално редовни свирки имаме во Corner Bistro, Tino’s Pub и Kadmo bar и Lounge bar. Репертоар кој ние најмногу си го љубиме секако е рокенролот.

barrelrow4Супер радио: Кој најмногу ве критикува, ама и обратно од каде доаѓа вашата најголема поддршка?

Милошески: Па имаме за млад бенд прилично добар број на фанови со кои што веќе имаме изградено добар однос. Секогаш се искрени со своите коментари и истите ни се најголеми критичари и поддржувачи.

barrelrow2
Супер радио: За крај, кои се Вашите идни предизвици?

Милошески: Како што веќе напоменавме нашите планови се да ги издадеме двете песни, за кои што планираме да бидат снимени и спотови и се надеваме дека ќе бидат добро прифатени од јавноста. А исто така сега еден од поголемите настани кои што ни претстојат е нашиот настап на Демофест во Бања Лука, на кој што од повеќе пријавени бендови сме единствениот македонски бенд кој е избран од жирито да настапи на истиот, така што индирктно имаме задача да ги браниме боите на македонскиот рокенрол. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес