Хроника

Охриѓанец заработи кривична пријава поради царинска измама

Скопје, Охрид, 13. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Царинската управа на Република Македонија поднесе една кривична пријава, до Основното јавно обвинителство Гевгелија, против лице од Охрид, во својство на одговорно лице во правно лице и против правното лице, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело царинска измама по член 278а од Кривичниот законик.

Пријавените во текот на 2014, 2015, 2016 и 2017 година давале лажни податоци за стоките при увозно царинење, а кои влијаат на пресметките на износот за плаќање на царина и други увозни давачки.

За потребите на пријавеното правно лице на 3-ти јануари 2013 година, до Царинската управа на Република Македонија поднесено е барање за издавање на задолжителна тарифна информација, соогласно кое Царинската управа издаде задолжителна тарифна информација со рок на важење од 3 години.

Во постапката на увозно царинење на стоките за потребите на пријавеното правно лице на македонските царински органи им приложиле царинска декларација со лажна тарифна ознака, иако располагале со задолжителна информација за правилната тарифната ознака, со намера да избегнат делумно плаќање на царинските давачки.

Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг во износ од 1.151.005 денари и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки. (Крај)

извор: МВР   фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука