highvoltage2

High Voltage: Ohrid SUPERSTAR беше многу добро искуство за нас

Охрид, 13. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ако сте во друштво на бендот High Voltage и ако се обратите со името Јован, ќе се свртат тројца од нив четворица. Јован Чифлигароски, Јован Јованоски, Јован Јовановски и Стефан Трајаноски се нивните имиња, а за нив е мошне интересно што велат дека кога го формирале бендот не се познавале доволно, ама денес велат дека се чувстуваат како браќа.

Членовите на High Voltage подобро ги запознавме како полуфиналити на талент шоуто Ohrid SUPERSTAR, а повеќе за нивниот бенд и импресиите од снимањето на шоуто, прочитајте во интервју за Супер радио и OhridPress со лидерот на бендот Јован Чифлигароски.

Супер радио: Покрај талент треба и доволна доза на храброст за да се натпреваруваш на талент шоу. Кој од вас четворица од бендот High Voltage беше иницијаторот и што беше најмотивирачки да се пријавите на Ohrid SUPERSTAR?

highvoltage3Чифлигароски:  Иницијаторот бев јас, дека сум од Охрид брзо дознав за Ohrid SUPERSTAR и им предложив на останатите да се пријавиме и да си ја пробаме среќата, најмотивирачки нешто конкретно немавме.

Супер радио: Колку време постои бендот High Voltage и на кој музички правец сте „навлечени“?

Чифлигароски:  Бендот постои скоро една година, воглавно сакаме да свириме рокенрол музика, но исто така слушаме други стилови како џез, фанк, метал и мислам дека ќе има и некои елементи од тие стилови во нашата авторска музика на која што сега сме доста сериозно посветени.

highvoltage1Супер радио: Другарството го роди бендот или бендот роди другарство меѓу вас?

Чифлигароски: Бендот го роди другарството меѓу нас затоа што не се познававме доволно кога се формираше, сега не сакаме да се одделиме еден од друг и се чувствуваме како браќа, мислам дека без другарство бенд како бенд никогаш нема да функционира.

Супер радио: За познавачите на музичката историја High Voltage е асоцијација на албум на  AC/DC. Оди ли до таму приканата со името на бендот или крие сосема друга инспирација?

Чифлигароски: Па реално откако одлучивме бендот да се вика High Voltage ни текна дека има и албум со тоа име на бендот што ни е голема инспирација AC/DC, но инспирацијата на ова име е високата волтажа и гласната фонија додека пробуваме.

highvoltage5Супер радио: Стигнавте до полуфиналето, ама впечатокот, па дури и коментарите на јавноста беа на страната дека ако имаше уште неколку седишта во „возот“ кој води до финалето, тогаш сигурно и High Voltage и Barrel Row ќе влезеа во финале. Разбирате ли во колку тешка позиција беа ставени членовите на жири комисијата?

Чифлигароски: Нормално тешка е улогата да си член на жири комисија и потполно го разбираме тоа, разбираме и дека само најдобрите треба да продолжат, но исто така мислиме дека одлуката кога се работеше за бендовите беше до стилот на музика, на пример поп музиката во нашава држава е поприфатлива од рокенрол музиката и ние сме свесни за тоа, и колку добар бенд и да настапеше на ова шоу, немаше да биде прифатен како поп изведувач ако свиреше рокенрол музика, тоа е само наше лично мислење. Се надевам жирито го имаше и тоа во предвид кога се одлучување кој ќе оди понатаму.

Супер радио: Вашиот пат е тежок и можеби тоа најдобро го разбира Зоран Кречо, кој во шоуто се појави во улога на метнор. Ви подари можност во неговото студио „Кречо Sound“ да снимите авторска пена. Ја искористивте можноста?

Чифлигароски: Таа можност дефинитивно ќе ја искористиме и сме бескрајно благодарни на Кречо за таа можност. Бендот веќе работи на тоа и за многу скоро време треба да одиме во студиото и да почниме да ја снимаме нашата прва авторска песна наречена „Way of Life“, за публиката што е присутна на нашите свирки е добро позната, исто така сакаме да нагласиме дека нашата авторска музика ќе е на англиски јазик за луѓето да ја разбираат и надвор од нашата држава ако можеби ја слушнат.

Супер радио: Ретроспективно гледано какви се вашите впечатоци од снимањето на шоуто и што вие како бенд научивте од ова ново искуство?

Чифлигароски: Шоуто беше супер, добра можност за талентите од регионов, добра дружба, добро организирано, сите пофалби. Ова шоу беше добро искуство за нас, се гледавме себеси на телевизија како бенд за прв пат, прв пат настапувавме во кино сала, прв пат добивме критики од докажани и толку добри музичари во жири комисијата, респект кон сите.

highvoltage4Супер радио: Интервјуто ќе го читаат и оние кои годинава немаа храброст да се пријават, ама им се врти низ глава идејата доколу има второ издание, дефинитивно би се пријавиле. Може ли да дадете три совети на сите кандидати кои имаат желба и талент во следна прилика да бидат дел од едно вакво телевизиско шоу?

Чифлигароски: Епа три совети: Прво добро да се припремат за настапот на ова шоу затоа што нели нивниот настап ќе се прикажува на телевизија, интернет и слично. Второ без разлика што ќе бидат коментарите на жири комисијата и публиката и без разлика до каде ќе стигните на ова шоу, продолжете со работа и немојте да се откажувате ако тоа е тоа што вие навистина сакате да го правите. Трет совет од нас е дека не е лесен патот до успехот и нема ова шоу дури и ако победите да ве доведе до успех, ќе има можеби голема улога на патот кон успехот, но ако вие не продолжите со работа и после шоуто, тогаш се што сте направиле било за џабе, не дозволувајте вашиот успех да застане тука.

Супер радио: За крај, кои се Вашите идни предизвици?

Чифлигароски: Идни предизвици се поголеми сцени, поголем број на публика, нашите авторски песни, фестивали, свирки во сите градови во државава, па ако има можност и надвор од неа и добро испромовирана авторската музика која што со љубов ја спремаме за нашата публика. Голем поздрав до сите фанови, без нив ние немаше да стигниме ни до тука кај што сме сега, фала ви рокери и рокерки. Keep on Rockin’. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес