Економија Избор Струга

Хотелиерите од Охрид и Струга очекуваат поуспешна сезона од ланската

Струга, 27. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Менаџерот на хотел „Дрим“ во Струга и претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) Крсте Блажески, потпирајќи се на сознанијата за пополнетоста на капацитетите под овој бренд на брегот на Охридското Езеро, предвидува успешна сезона, во секој случај, поуспешна од ланската.

– Нашите капацитети, во моментов, се исполнети со над 8о посто, што е добра бројка за овој период од сезоната. Секако, дека од почетокот на јули, пополнетоста ќе се зголеми. Редовно доаѓаат турите преку холандскиот оператор „Корендoн“, има гости од соседството, изненадувачки, има многу погоилема побарувачка на гости од земјата кои сакаат да летуваат во Струга и Охрид, вели Блажески.

Според неговите оценки, на порастот на интересот кај домашните туристи, влијае не баш пријатната ситуација кога се во прашање граничните премини кон Грција, но и драстично зголемените цени на пансионите и вонпансионската потрошувачка кај јужниот сосед. И Албанија веќе не е евтина дестинација, како што беше досега. Во прилог на поголемата посетеност, оди и убавото време, што е главен фактор, на пример за жителите на Скопје, а како многу голема неповолност, Блажески, ја нагласува лошата патна инфраструктура. На новиот автопат од Кичево до Охрид не само што не му се гледа крајот, туку станува и опасен за возење, со тоа што на многу места стариот пат и новата траса се испреплетуваат.

Блажески очекува во Охрид и Струга, повторно да се вратат Србите во бројка од пред неколку сезони, ако ништо друго, со старата практика, на враќање од Грција, една седмица да поминат на брегот на Охридското Езеро. Бројот на странските гости, од Западна Европа е во постојан пораст, како што се зголемува и бројот на чартер-летовите. Во целата прет сезона, имаше гости од земјите на Далечниот Исток, преку „Балканските тури“, како и од Турција, кои избија на самиот врв според бројноста.

Од оваа сезона новина е летот Катовице – Охрид, кој, преку воздушниот мост, треба да донесе околу 3.000 гости, и уште најмалку 2.000 со автобуски превоз. Не е мал број на Полјаците кои пристигнуваат со свои возила.

Иако, можеби, задоцнето, македонските хотелиери, посебно оние од Охрид и Струга, испратија низа конкретни барања и предлог мерки до новата влада. Има доста проблеми што заеднички треба да се решаваат, а претседателот на ХОТАМ,  Блажески, на прво место ја става урбанизацијата и отсуството на  детални урбанистички планови за охридско крајбрежје.

– На потегот од туристичката населба Радожда, па околу по македонската страна од езерото, располагаме со 70 километри крајбрежие. За жал, целиот тој потег, со детални урбанистички планови е покриен не повеќе од 10 проценти. А има многу  објекти, изградени уште во 70-те години на минатиот век, за кои нема детални планови, а тоа значи не постои можност да добијат дозволи за изградба, доградба, или реконструкција, појаснува  Блажески.

Хотелиерите се жалат и на нелојална конкуренција, лошата патна инфраструктура и недоволната хигиена, на агенции од типот човек-фирма, а предлагаат и намалување на ДДВ-то за храна и пијалоци, координирана маркетинг презентација на Република Македонија на највисоко можно ниво пред светските тур-оператори и слично. Според согледувањата на ХОТАМ, во моментов, во Охрид и Струга има околу 7.000 хотелски легла, додека бројот на легла во приватно сместување е околу 40.000. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука