Избор Охрид

За една недела во Охрид регистрирани околу 500 земјотреси

Охрид, 29. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на ноќта и утринава во Охрид повторно регистрирани серија земјотреси.

Во 02:37 часот регистриран е потрес со магнитуда од 3 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот бил на 8 километри источно од Охрид на длабочина од 5 километри.

Вториот потрес е евидентиран во 04:41 часот со јачина од 3,1 степен според Рихтер и епицентар 13 километри североситочно од Охрид на длабочина од еден километар.
Послаби потреси се регистрирани и во последниве пет часа.

Последниот во серијата земјотреси сеизмограмите го регистрирале 08:34 часот. Земјотресот бил со магнитуда од 2,7 степени, исто така, со епицентар во близина на Охрид.

Според податоците од Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, оваа недела имало околу 500 земјотреси како резултат на активноста на трите раседи од охридското епицентрално подрачје.

Серијата земјотреси во охридско-струшкиот регион започна пред десеттина дена, односно на 18-ти јуни со потрес со јачина од 4,1 степен според Европската сеизмолошка опсерваторија. Епицентарот на земјотресот беше на 8 километри од Ресен, односно во близина на охридското село Косел. (Крај)

извор: Сеизмолошка опсерваторија    фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука