sjotimkatica

СЈО поднесе 17 обвинителни акти за 18 предмети

Скопје, 29. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Седумнаесет нови обвиненија ќе поднесе СЈО во кои вкупно се обвинети 94 физички и 7 правни лица, најави на денешната прес-конференција обвинителката Катица Јанева, на еден ден пред истекот на рокот.

Според последните податоци, дел од обвиненијата веќе се доставени во Кривичниот суд во Скопје.

Јанева информира дека случаите „Таргет“ и „Тврдина“ се споени во едно обвинение, а само за „Талир“ и „Табла“ СЈО нема да поднесе обвинение. Истрагата за „Талир“, околу незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Јанева беше покрена пред еден месец, што е краток период за таа да биде завршена.

Јанева најави дека ќе бараат мерка притвор за дел од обвинетите, меѓу кои е и претседател на политичка партија, а судот откако ќе ги прими предметите има рок од 24 часа да се изјани по нив.

Таа порача дека СЈО ќе продолжи со работа до истекот на мандатот и помнатаму ќе се договараат со институциите како ќе работат и уште еднаш повика на укинување на членот во законот со кој е ограничен рокот на обвинителството за покренување обвиненија.

извор: Р.С Европа    фото: архива