Изложба „Дивите билки од мојот крај“
Охрид, 21. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Во галеријата на Домот на културата „Григор Прличев“ во Охрид, денес напладне ќе биде отворена изложбата „Дивите билки од мојот крај“.
Домаќин на изложбата што ќе биде отворена во знак на добредојде на пролетта, е еколошкото друштво „Грашница“. Се работи за патувачка поставка на цртежи, хербариуми и фотографии изработени од волонтери (деца од основни училишта, планинари и рекреативци, собирачи на диви билки и ентузијасти), сите обединети во проектот: „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија“.
– Целта е да се зајакнат капацитетите на локалните организации кои соработуваат со волонтери за заштита на природата, особено во областа на зачувување на растителниот свет и преземање акции кои би придонеле кон имплементација на ЕУ регулативите за зачувување на мрежата Натура 2000, информираат организаторите.
Посетителите ќе имаат можност да видат претстава за дивите билки што најмногу ги познаваме и најчесто ги користиме, но и неколку овековечени кралици на царството што брои илјадници диви растенија што векуваат во пазувите на значајните растителни подрачја на Илинска-Плакенска Планина, Баба Сач-Лубен и на Шар Планина. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |