kalista

МПЦ: Глисерот не e во сопственост на Црквата, туку на приватна фирма

Скопје, 6. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Скопската епархија на МПЦ-ОА, ги демантира пишувањата на дел од медиумите дека за 180.000 илјади евра, купила луксузен глисер.

Од епархијата велат дека пловниот објект кој се наоѓа во пристаништето во Калишта на е во сопственост на МПЦ, туку на фирмата „Сис Травел Груп“, а МПЦ отстапила простор за чување на глисерот.

– Имено, очигледно е дека на информаторите единствена цел им е да нанесат штета на угледот и достоинството на Црквата, како и на личноста на Архиепископот. Но заради објективната јавност, ниту Скопската епархија ниту Калишкиот манастир немаат нарачано ниту, пак, платено каков било пловен објект. Во конкретниот случај, станува збор за пловен објект кој е сопственост на фирмата „Сис Травел Груп“, донесен на чување во манастирот Калишта, а од сопственикот на фирмата е дадена согласност и манастирот, по потреба, истиот да го користи. Ги повикуваме медиумите што пишуваа на оваа тема, доколку поседуваат какви било докази спротивни на овој демант, веднаш да ги објават, а во спротивно, пак, јавно да се извинат за изнесените навреди и клевети. Ако истите не го сторат тоа во следниве три дена, против нив ќе поднесеме соодветни тужби, стои во демантот на епархијата. (Крај)

извор: МПЦ-ОА фото: архива