erbil-zebra

DJ Erbil: Преку музиката може да се раскажуваат сите реалности на овој свет

Охрид, 7. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) –  По објавувањето на најновиот микс „Can you feel it“, поразговаравме со познатиот охридски диџеј и продуцент Ербил Џемоски – DJ Erbil.

Во овие летни денови, исполнети со журки и настапи успеавме да поразговараме со него за актуелните активности и плановите за периодот кој претстои.

Супер радио: Кој е Ербил Џемоски?

DJ Erbil: Кога сме кај она што се вика моја лична карта, роден сум во Охрид, а уште од најрана возраст се дружам со музиката. Веќе на 13-годишна возраст почнав да се занимавам со диџејство, тоа е она што посебно ми е лежи, а веќе три години се занимавам и со продукција.

Супер радио: Што за тебе претставува музиката?

DJ Erbil: За мене музиката е начин на живот, начин на искажување на човечките чувства. Со еден збор преку музиката може да се раскажуваат сите реалности на овој свет. Понекогаш и некоја песна, иако испеана на друг јазик, кој можеби не ни е познат, преку енергијата и емоцијата која ја пренесува ќе успееме да ја разбереме и нејзината содржина.

erbil

Супер радио: Збор два за твоите активности.

DJ Erbil: Во последните три години на интернет објавив околу 10 авторски продукции. Некои од нив се бесплатни, додека некои се наплаќаат. Со секое мое ново дело се трудам да одам чекор понапред, постојано учам нови работи и ги применувам во моите дела.  Кога ќе се вратам на почетоците, забележителен е напредок, што секако претставува дополнителен мотив и желба да се креира нешто ново.

Супер радио: Дали мислиш дека музичарите се доволно почитувани и ценети во нашава земја?

DJ Erbil:Можам да кажам дека електронската музика со која се занимавам јас во нашава земја е еден од типовите на музика кој е ставен во втор план. Затоа сметам дека нема да успеам ако останам ограничен само со нашата земја. Полека полека почнав да се отварам на нови пазари преку интернет. Без да бидам погрешно протолкуван, но мислам дека главната причина за недоволно ценење на музиката е менталитетот кој владее во нашето општество.

Супер радио: Кои се твоите планови за во иднина?

DJ Erbil: Хмм, плановите за иднина… Прашање кое ме тера на размислување. Ова го работам со голема желба и посветеност, без разлика дали ќе имам финансиски придобивки. Но, сепак како и секој човек и јас имам желба некој ден да станам популарен музичар и да ја претставам мојата земја, да имам можност да настапувам на светски музички фестивали и да имам свои светски турнеи. Мислам дека сум на добар пат и ќе продолжам да работам на ист начин. Не ја губам надежта. Се додека дишеме, мора да се надеваме! (Крај)

извор: ОхридПрес    фото: архива