balkavagrupa

Концерт на етно составот Баклава во Струга

Струга, 13. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – На Летната Сцена при НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, следниот четврток, 20-ти јули, со почеток во 21:00 часот, концерт ќе одржи етно составот Баклава.

Групата Баклава е основана во 2005 година, како резултат на спојот на индивидуалните музички искуства на нејзините членови во различни проекти. Баклава има три различни изданија, од традиционална до светска музика, преработки и авторски песни, мешавина од повеќе јазици и музички стилови… Додека нивниот прв албум „Баклава“ е концертен, „Калемар“ е нивниот прв студиски албум, и е создаден од композиции од самите членови. На третиот албум наречен „Me mankas mucho“ (Многу ми недостигаш), ќе сведочите на едно преплетување на мелодијата од различни народи, култури и религии. По многу настапи, албуми, неколку музички спотови, свој документарец, тие имаат неколку песни и во филмот „Трето полувреме”. Вообичаено на сцена можете да ги видите Елена Христова (вокал), Дејан Сибиновски (деф), Дејан Теодосиевски (виолочело) и Ѓорѓи Клинчаров (тамбура). Баклава имаа успешни концерти во Данска, Шпанија, Франција, Германија, Чешка, Белгија, Романија, Турција, Србија, Италија…а сега ќе се представат и пред струшката публика.

Влезот е бесплатен, а овај проект е овозможен со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива