poetskanok

Од 21-ви до 23-ти јули „Поетска ноќ во Велестово“

Охрид, 14. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – По 29-ти пат годинава на неколку локации во селото Велестово и во Охрид, ќе се одржи „Поетската ноќ во Велестово“.

Манифестацијата ќе се одржува од 21-ви до 23 – ти јули, а учество ќе земат десеттина поети, музичари и уметници од земјава и странство.

Свеченото отворање е во петок, 21-ви јули. Од 21:00 часот ќе биде одржан Џез концерт на бендот „Караванија“, следува портрет на поетот Ристо Василевски, а ќе биде отворена и изложба на академскиот сликар Емил Шулајковски.

Следниот ден гостува Отвореното студио во Арт поинт Гумно во Слоештица, а ќе има и читање поезија. Во недела пак, ќе биде промовирана книгата „16 бугарски поети“ со настап на гостите од Бугарија, Владимир Левчев, Аксинија Михајлова, Роман Кисјов, Ани и Илков и Поли Муканова.

Како дел од „Поетската ноќ во Велестово“ на 28-ми јули ќе се одржи промоција на проект книгата „Извештаи на Рисот“ од Славе Ѓорѓо Димоски и Сергеј Андреевски, во соработка со издавачката куќа ПНВ „Публикации“ и МАНУ  Во текот на летото во Охрид ќе се одржат промоции на делата „Доилката“ од Лилјана Пандева и „Ништо не е недостижно“ од Зоран Јакимоски. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива