ohridguzvaban

Акција на Супер радио: „Помалку автомобили, помалку гужва“

Охрид, 15. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Охридското Супер радио ја започна акцијата „Помалку автомобили, помалку гужва“ со која ги повикува охриѓани колку што е можно помалку да ги користат автомобилите во текот на шпицот на сезоната, особено во центарот на градот.

– Идејата е да се обидеме сите заедно да го намалиме бројот на автомобили во центарот на градот. Ќе признаеме дека сите ние ги користиме автомобилите и кога треба и кога не треба и дека често седнуваме зад воланот и за минимални растојанија, со што се создава голема гужва, особено во централното градско подрачје. Да ги оставиме паркинг местата за туристите и оние кои навистина имаат потреба од тоа, особено во шпицот на сезоната, во текот на месеците јули и август. Фамозните катни гаражи се толку пати најавувани, но сепак остануваат само уште едно бледо и неисполнето ветување за охриѓани, велат од Супер радио.

Додаваат дека ако веќе се декларираме како туристички град, тогаш треба, барем во шпицот на сезоната да се откажеме од минимум удобности за да може градот полесно да функционира.

– Испраќаме апел и до сите институции кои се одговорни за оваа област и до медиумите да се приклучат и да ја поддржат акцијата, затоа што сметаме дека е од заедничко добро и дека центарот на градот ќе може полесно да „дише“, на задоволство и на охриѓани и на гостите, велат од водечката локална радио станица во државата, која според анкетата на АВМУ објавена вчера, повторно е медиумски лидер во регионот.

Од Супер радио најавија дека во текот на следната недела ќе испечатат и летоци кои ќе се делат во централното градско подрачје во знак на поддршка на акцијата и подигнувањето на свеста кај граѓаните.

Подгледнете уште неколку фото-причини зошто е покрената акцијата.

ohridguzva1 ohridguzva2 ohridguzva3 ohridguzva4 ohridguzva5Фотографиите се направени денес во центарот на градот околу 11:30 часот. Навечер бројот на автомобилите се зголемува за неколку пати. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес