studentskidom

Започнува трката за кревет во студентските домови, во охридскиот „Никола Карев“ има 231 легло

Охрид, 17. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска започнува електронското аплицирање за сместување во студентските домови, за студентите од втора и повисоките години, додека за бруцошите ќе започне на 20-ти август.

Во Државниот студентски дом „Никола Карев“ во Охрид  на располагање се вкупно 231 легло. Од нив 46 се за бруцошите, додека преостанатите 185 се за студентите од втора година па нагоре.

Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години, како и владини стипендисти-студенти со македонско потекло, студенти од странство кои студираат на универзитетите и високообразовните установи во Република Македонија, студенти согласно програмата ЦЕЕПУС, студенти според билателарни договори и слично.

Конечниот список за прием на студенти од прва година ќе биде објавен на 11-ти септември, додека пак за  студентите од втора година и повисоките ќе биде објавен на 31-ви август, на огласната табла во студентскиот дом. Повеќе детали студентите може да најдат на веб страната на Министерството за образование и наука. (Крај)

извор: ОхридПрес   фото: архива