lalala

„Охридско лето“ 2017: „Ла Ла Ла“ за оние кои сонуваат!

Охрид, 17 јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Викендов во Охрид, во рамките на актуелното „Охридско лето“”, публиката можеше да проследи две балетски и една музичка изведба – во „Света Софија“, со сопранот Дуња Симиќ и Снежана Поповиќ Вулета, пијано.

Особено беше посетена и остави силен впечаток втората премиерна изведба на балетот „Ла, ла, ла“ на Саша Евтимова, кореограф, на сцената „Долни сарај“.

Нејзина беше и дејата за костимите, додека во улогата на aсистент кореограф/репетитор, се појави Дафина Данилоска, додека светлото беше задача на Милчо Александров.

Овој проект Саша Ефтимова го работеше по класиците на големите македонски музички творци: таткото и синот Бојаџиеви – Тодор Бојаџиев и Дуке Бојаџиев, Драган Ѓаконовски Шпато и Димитар Масевски.

На отворената надезерска сцена заиграа: Мими Поп-Алексова, Марина Анастасовска, Медина Јусуфовиќ, Мила Ниновска, Христина Наќевска, Ангела Велевска, Романа Јуханесовичова, Илијана Данилов, Игор Веланоски, Јан Киселев, Миро Митрашиновиќ, Агим Бафтии, Андри Литвиненко, Кенто Терашита, Светлин Стојанов и Ендру Кук.

Во својата експликација, кореографката Саша Ефтимова во пресрет на првата премиера на балетската претстава „Ла, ла, ла“ на Скопско лето, пред две недели, ќе забележи:

„Ла Ла Ла За оние кои сонуваат… Музиката предизвикува толку многу чувства во нас, спомени, копнежи, мечти, носталгија, работи поврзани со нашето минато. Сентиментален копнеж за среќа. Времињата во кои живееме, луѓето со кои сме ги делеле тие времиња – ништо не може да го оживее тоа време, тоа сеќавање, тој живот, освен една стара музичка миксана лента.
Само таа музика може да ги врати спомените, да ги склопи како сложувалка и да напише една страница во книгата на нашиот живот. Прегрнете ги спомените. Чувајте ги блиску до срцето. До вчера бевме она што денес сакаме да го заборавиме. Направете свој мал свет и ништо повеќе не ви е потребно. Толку работи има во животот од кои сме се плашеле, а немало никаква потреба од тоа. Сè што ни било потребно е да живееме.

– Сакав да дадам дел од себе за убавините на градот, за Скопје. За убавата музика. Овде во Македонија, денес немаме такви луѓе коишто компонираат такви музики пред се`. Нормално имаме млади композитори коишто прават некаква музика, но тој шлагер, тој шмек, таа убавина, таа леснотија… Да ја слушаш музиката и таа да ти се слева во срцето, да те освојува, да те инспирира да се движиш и да креираш покрети со телото… таква музика барем јас овде одамна немам чуено, вели Ефтимова.

Овој проект на Ефтимова е резултат на нејзината дипломска работа и со кој ја заокружи првата деценија од своето авторко присуство на македонската танцова сцена.

По Скопје и Охрид, и претстои пат низ Македонија, а од април наредната година и на познатите европски танцови фестивали. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива