Polski-novinari

Полски новинари ќе го промовираат Охрид и земјава како туристичка дестинација

Охрид, 31. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од 22-ри јули годинава започнаа сезонските чартер-летови од Катовице до охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“, па како продолжение на тоа, ТАВ Македонија донесе пет новинари од Полска во Македонија, со цел да ги искусат убавините на земјата и да ја промовираат како туристичка дестинација меѓу туристите од Полска.

Претставниците на седмата сила од Полска остварија посета на Скопје, Охрид и битолскиот регион искусувајќи ги убавините на земјата и нејзиното културно-историско наследство.

– Очекуваме оваа активност да придонесе за повисока побарувачка на летови од Полска кон Охрид, со цел тур-операторот „Рего – Бис“ да ја операционализира најавената дополнителна дестинација – Варшава, како и да придонесе за отворање на дополнителни чартер летови од Полска до Македонија организирани од друг полски тур-оператор, за што сме во преговори долго време, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој.

Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ е во подем во изминатата една година, откако бројот на сезонски летови беше значително зголемен, кои што носат туристи на Охридското езеро од дополнителни четири нови пазари – Полска, Белгија, Израел, Србија.

Освен традиционалните сезонски летови од Амстердам со „Корендон“ и „Туифлај“ кои секоја година функционираат кон охрискиот аеродром, во 2016 година чартер-летови од Брисел беа отворени од еден од најголемите европски тур-оператори Томас Кук, чартер-летови од Тел Авив беа отворени од израелската авиокомпанија Аркиа, а сезонските летови на линијата Белград-Охрид од „Ер Србија“ беа обновени.
Редовните авиолинии на „Виз ер“ и „Германија Флуг“ кои функционираат преку целата година од Охрид до Лондон, Базел и Цирих, продолжуваат и понатаму.

Во првите шест месеци од 2017 година, ТАВ Македонија забележа пораст од 6% на патничкиот сообраќај, споредено со истиот период минатата година, или на двата македонски аеродроми од јануари до јуни поминале вкупно 860.130 патници. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива