sdsmnovstabohrid1

СДСМ: Поради лични интереси на Бакрачески и Трајкоски жителите на Подмолје шести ден се без вода

Охрид, 1. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Жителите на селото Подмолје веќе шести ден се оставени без вода за пиење, бидејќи бушотината што ја направиле со сопствени средства сега не можат да ја користат поради личните интереси и внатрепартиските калкулации на градоначалниците на Охрид и Дебарца, Никола Бакрачески и Игор Трајкоски, обвинуваат од ОО на СДСМ од Охрид.

– Жителите на Подмолје веќе неколку години наназад секое лето се соочуваат со недостиг на вода, но и покрај тоа, тие покажале огромна хуманост со тоа што дозволиле и неколку околни места да се снабдуваат со вода за пиење од оваа иста бушотина која со сопствени средства ја направиле. За жал денес тие дочекаа градоначалникот, Трајкоски, поради внатрепартиски интереси, веќе шести ден целосно да им го има запрено пристапот до вода. Ваквото однесување на градоначалниците не само што е безобразно и неодговорно, итовремено е и нехумано, бидејќи стотици домаќинства се оставени без вода при вакви тропски температури. Одговорност мора да има, и тоа не само за Трајкоски, туку и за неговиот колега Никола Бакрачески, затоа што на крајот на краиштата, жителите на Подмолје, па и сите жители од општина Дебрца се охриѓани. Крајно неодговорно е две соседни општини, чии градоначалници дополнително се од истата политичка опција, да не можат да најдат заедничко решение на еден сериозен проблем. Функцијата градоначалник не е партиска игра во некој општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ, тоа е одговорна функција која подразбира грижа за сите граѓани подеднакво, обвинуваат од СДСМ.

Додаваат дека доколку се продолжи со игнорирање на овој сериозен проблем, Подмолје и регионот ризикуваат да се соочат со хуманитарна и еколошка катастрофа, бидејќи немање вода при вакви високи температури го загрозува човековото здравје и животната средина.

– Затоа, во интерес на сите граѓани бараме Трајкоски и Бакрачески да престанат со префрлање на одговорноста и под итно да го решат проблемот со водоснабдувањето на жителите на Подмолје, стои во дописот до медиумите.

opstinaohridsologoСо реакција излегоа и од Општина Охрид. Во неа се наведува дека е невиден популизам и навреда на интелегенцијата на граѓаните однесувањето и делувањето на СДСМ Охрид.

– Како тоа велат дека проблемот е повеќегодишен, а токму сега во очи на локални избори одлучија да го обелоденат? Или СДСМ Охрид го преспале овој период кога имало проблем со водата, или потребата за популизам е толку голема што СДСМ Охрид мора вака паушално да дејствува? Добро е СДСМ Охрид да се потсети на времето кога тие го водеа Охрид и ЈП „Проаква“. Зарем треба да ги потсетуваме дека нивните раководства во само три месеци пред избори, јануари, фебруари и март 2013, на ресторански услуги потрошиле двојно повеќе средства од потребните средства за решавање на проблемот со водоснабдувањето во село Подмоље? Ни повеќе ни помалку изеле и испиле сима од 2 милиони денари иако охриѓани многу добро знаат зошто биле користени овие средства пред избори. И овие ли луѓе денес се дрзнале да зборуваат за калкулантски игри и недговорно однесување? Ако ги прашаа граѓаните на Подмолје пред да излезат на популистичка прес конференција ќе им кажеа дека се одржа средба со претставници на Месната заедница на која присуствуваа директорот на МЈП „Проаква“ и директорот на Комуналното претпријатие од Дебрца. На средбата се разговараа повеќе решенија на проблемот кој не е во директна надлежност на Општина Охрид со оглед на тоа што со водоводот на ова населено место околу 20 години го стопанисува ЈП „Комунална хигиена“ Дебрца, стои во реакцијата на Општина Охрид.

Додаваат дека е факт тоа дека во периодот на нивното владеење го унаказија Охрид за илјадници метри водоводна и канализациона мрежа со кои средства би се решиле сите проблеми од овој аспект на градот Охрид. (Крај)

извор: СДСМ/Општина Охрид фото: ОхридПрес