makedonijaizbori

ДИК го усвои роковникот за Локалните избори 2017

Скопје, 8. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список ги поднесуваат во периодот од 21 август до 9 септември 2017 година.

Рокот за собирање потписи за листи на независните кандидати за советници и градоначалници е од 21 август до 4 септември. Политичките партии своите листи на кандидати треба да ги поднесат најдоцна до 9 септември. Изборната кампања започнува на 25 септември 2017 година во 00:00 часот. Изборната кампања во првиот круг завршува на 13 октомври 2017 година во 24 часот. Изборната кампања во вториот круг завршува на 27 октомври 2017 година во 24 часот.

Државната изборна комисија (ДИК) на седница го разгледа и го усвои роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на локалните избори 2017 година за членови на советите на општините и советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на Градот Скопје. Јавниот увид започнува на 21 август 2017 година и трае до 9 септември 2017 година до 24 часот. Граѓаните барањата за запишување, дополнување или бришење на податоци во Избирачкиот список ги поднесуваат во периодот од 21 август до 9 септември 2017 година.

ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето (член 51, став 1). Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат (член 51, став 2). По тужба Управниот суд решава во рок од 24 часа по приемот на тужба и одлуката веднаш му jа доставува на тужителот по електронски пат (член 51, став 3). ДИК во рок од пет дена од денот на завршување на јавниот увид, Избирачкиот список го доставува до политичките партии (член 49-а, став 1). Рокот за собирање потписи за листи на независните кандидати за советници и градоначалници е од 21 август до 4 септември. Политичките партии своите листи на кандидати треба да ги поднесат најдоцна до 9 септември.

Ждрепката за утврдување на единствена листа на кандидати за членови на советот на општината, односно советот на Градот Скопје и единствена листа на кандидат за градоначалник на општината, односно Градот Скопје, ДИК ќе ја одржи на 18 септември 2017 година.

ОИК, односно ИКГС, утврдените единствени листи на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник на општината, ќе ги огласи најдоцна 23 дена пред денот определен за одржување на изборите во сите населени места и на избирачките места во општината, односно во Градот Скопје. Утврдените листи на кандидати во општините во кои најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се објавуваат покрај на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина (член 69, став 4, 5 и 6). Локалните избори ќе се одржат на 15 октомври годинава, а вториот круг би се одржал на 29 октомври. Изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите и во првиот и вториот круг на гласање не смее да трае 24 часа пред денот на изборите и на денот на изборите (член 69-а). Изборната кампања започнува на 25 септември 2017 година во 00:00 часот. Изборната кампања во првиот круг завршува на 13 октомври 2017 година во 24 часот. Изборната кампања во вториот круг завршува на 27 октомври 2017 година во 24 часот. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива