plineksplozija

СВР Охрид со детали за синоќешната експлозија на плинска боца во стан на улицата „Сатеска“

Охрид, 9. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – СВР Охрид презема мерки за утврдување на причините за предизвикана општа опасност и експлозијата која синоќа се случи во стан на улицата „Сатеска“ во Охрид.

– Активностите се насочени кон дефинирање на можна експлозија од плинска боца која се наоѓала во трпезаријата од станот. Настанот се случил во 22:24 часот кога по експлозијата во трпезаријата, настанал пламен а потоа пожар ја зафатил покуќнината и почнал силно да се шири низ собите. Пожарот е изгаснат со брза интервенција на Противпожарната единица од Охрид. Од експлозијата, со телесни повреди се здобил сопственикот на станот кој бил префрлен на хируршкото одделение при Општата болница во Охрид каде му била пружена неопходната медицинска помош. Од синоќа извршениот увид, било констатирано дека од експлозијата и пожарот оштетена била целата покуќнина од станот и искршени биле сите прозори и оштетени биле и седум патнички возила паркирани во близина на зградата, со што е причинета голема материјална штета, информираат од СВР Охрид. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива