svetotnamladite

Меѓународниот ден на младите на 12 август ќе биде прославен во Охрид

Охрид, 10. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – По повод Меѓународниот ден на младите на меѓународниот фестивал „Охридско лето“ на 12-ти август, под покровителство на Министерството за култура, ќе биде изведен мултимедијален сценски фестивал на младите со наслов „Светот на младите“.

„Детски свет – светот на младите“ е проектна иницијатива замислена и организирана од актерот Дејан Лилиќ, Центарот за креативен развој од Скопје и „Арт вивенди“ во соработка со Министерството за култура, фестивалот „Охридско лето“, ЗОО-градината од Скопје, Сојузот на извидниците на Република Македонија, Младинската асоцијација на средни стручни училишта – МАССУМ и средните училишта „М. Пупин“, „П. Караѓозов“, „В.А. Дрен“, „К. Рацин“, „И.Н. Луј“ од Скопје и „Ј. Сандански“ од Струмица.

Во периодот од месец март до средината на јуни, 2017 г., извршена е прво широка, а потоа потесна селекција на некои од најдобрите, во моментов, музички, театарски и модни креативни средношколски тимови, арт-лидери на РМ. По селекцијата и изборот на претставниците од средните школи следат заедничките работилници и проби со ментори и професионалци, со цел усовршување на настапите, вештините и тимските способности.

Програмата на фестивалот „Светот на младите“ планирано е да опфати сценска презентација на музичките победници на МАССУМ и образовно рандеву од повеќе насочени средни училишта од Република Македонија. Настанот ќе биде поставен на сцената – Долни Сарај во термини од 12:00 до 17:00 часот, во сабота на 12-ти август (сабота).

На сцената пред публиката ќе се претстават во кабаре-формат, со свои уметнички точки и дела, некои од најспоменуваните, најнаградуваните и најквалитетните средношколски музички, новинарски и видеотимови од Република Македонија.

Иницијативата „Светот на младите“ во своето продолжение веќе следната учебна година ќе ги разгледа аспектите на социјален развој на младите, мирот и безбедноста. Поконкретно, преку широка и повеќеслојна соработка, непрекината комуникација и доедукација на спектри од таргети ќе се цели да се допрат, а воедно и покријат некои од темите, пристапот и предизвиците на социјалната вклученост на младите во однос на промоцијата и одржувањето на мирот и безбедноста.

Интернационалниот ден на младите е ден посветен на глобалната свесност за младите. Како таков е востановен од Обединетите Нации во 1999 година со Резолуцијата 54/120, а од 2000 година обичај е Интернационалниот ден на младите да се прославува во различен дух и со различно мото на секој 12 август.

„Младите градат мир“ е слоганот и мотото со кое оваа година Интернационалниот ден на младите 2017 и Обединетите Нации ќе пробаат гласно и на глобално ниво да соопштат и воочат на растечкиот факт на спознание дека младите како носители на промената, се критичните актери во превенцијата на конфликти и одржливоста на мирот. (Крај)

извор: мкд.мк фото: мкд.мк