kabarezboruvajtivko

Барокни дела и музика од Вајл вечерва на „Охридско лето“

Охрид, 11. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе донесе два концерти што ќе се одржат во црквата „Света Софија“.

Ансамблот „Маскерина“ од Франција ќе настапи со почеток во 20:30 часот. Ќе музицираат Себастијан Берета на барокна флејта, Мари Гијоми на виола да гамба и Николас Ватин на теорбо.

„Маскерина“ е основан од виолинистката Гијоми и лаутистот Никола Ватин минатата година за  време на нивните студии во Версај. Ансамблот обединува музичари чиј основен интерес е барокната музика. Како дует или поголем ансамбл, „Маскерина“ се посветени на музичко истражување на репертоарот на европската барокна музика од 17 и 18 век, со посебен акцент на автентичната интерпретација на оригинални инструменти и на интеракција со публиката.

Досегашните концерти овој музички состав го водат во Париз, Версај, Марсеј, Бордо, Женева…. а настапуваат и со други ансамбли како Ревеус и Амичи Ме.

ansamblmaskerinaПо завршувањето на концертот на „Масерина“, во 22:00 часот, Кабаре „Зборувај тивко“ ќе донесе дела од композиторот Курт Вајл.

Кабарето „Зборувај тивко“ го сочинуваат сопранистката Тијана Ѓуричиќ од Србија, пијанистката Ирина Наумовска од Македонија и српскиот хармоникаш Александар Будимир. Кабарето е обликувано да ги претстави сите фази на творештвото на Курт Вајл, со посебен акцент на делата настанати пред самото заминување од Германија, делата настанати за време на престојот во Париз и непосредно по доаѓањето во Америка. Транспарентно тематски, стилски и хармонски се забележуваат интертекстуалните преклопувања на сè она што Вајл би го нарекол „живот“ во траење од 60 минути. Вајл е еден од најзначајните композитори на музика за сцена на минатиот век. Тој е роден во Германија, но поголем дел од животот го поминал во САД. Неговиот авторски опус опфаќа бројни мјузикли, опери, оперети, кабареа од кои особено се истакнуваат оние кои се соработка со Бертолд Брехт. Вајл имал потполна контрола над драматуршката структура на своите дела и со тоа ја зголемувал силата и општественото значење на музиката што ја компонирал. Отворените прашања на идеологиите, политиката и моќта на музиката како да го опседнувале секојдневно. Композиторот никогаш не ги заборава своите корени и за разлика од многу други емигранти кои се бореле да го прикријат еврејското потекло, тој бил еден од првите кои обрнува внимание на Холокаустот и неопходноста на подигањето на јавната свест за страдањето на европските Евреи. (Крај)

извор: Охридско лето фото: архива