Партии

Општина Охрид: Граѓаните ги гледаат делата на оваа локална самоуправа

Охрид, 15. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Заслепени од преголемата желба за власт никако не можете да ја видите и почуствувате вистинската битка за подобар живот за граѓаните на Охрид, која оваа Локална самоуправа секојдневно ја води во изминативе нешто повеќе од четири години, а точно е дека граѓаните знаат и паметат и што е најважно незабораваат кој го уништи Охрид, возвраќаат од Општина Охрид на обвинувањата од ОО СДСМ Охрид.

– Терминот – Локална самоуправа позната по бекатон плочки, кој е силно врежан во вашата меморија како термин кој доследно ја отсликува Локалната самоуправа која вие ја предводевте. Граѓаните не забораваат дека бекатон плочки поставувате еднаш или ниеднаш, најчесто неадекватни за просторот каде се поставуваат, а за истите повеќекратно плаќавте фактури и ситуации. И така некако успеавте Охрид да го направите најзадолжен град можеби и во светски рамки. Ние со нашето работење воопшто не сме ја задолжиле Општина Охрид, а вративме цели 13.000.000 евра од вашите долгови кои ги оставивте на Охрид. Тоа е факт од кој никогаш и никако не можете да избегате, се вели во дописот од локалната.

Според нив, граѓаните на Охрид ги гледаат делата на оваа Локална самоуправа и ги чувствуваат придобивките од илјадниците метри асфалтирани улици, изградба на водоводни и канализациони мрежи, уредени тротоари, инвестиции во спортот, културата, социјалата, образованието, промоција на Охрид во светски значајни центри и метрополи и многу други активности кои ги отсликуваат потребите на граѓаните на Охрид.

– Во однос на капиталните проекти за разлика од вас кои секоја година од вашиот мандат на Охрид му ветувавте затворен зелен пазар или пак ја срушивте автобуската станица во центарот на Охрид и ја заменивте со згради, во наше време во Охрид се градат и современ пазар и современа автобуска станица. Наскоро започнува изградбата и на старечкиот дом. Делата не разликуваат нас од вас. Ако се сублимираат сите резултати од работењето на оваа Локална самоуправа во изминатите четири години, недвојбено е мислењето дека таа за четири години направила повеќе отколку сите претходни локални самоуправи во периодот на независна Македонија заедно.

На крај, од локалната прашуваат дали од СДСМ Охрид даваат налог на охридската полиција со сите сили да ги опструира проектите кои локалната самоуправа ги има отпочнато, а се во интерес на граѓаните со цел истите да не се завршат. (Крај)

извор: Општина Охрид фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука