maratonciplivanje

Охридски пливачки маратон имаТ/немаТ – ИмаТ снемано…

Охрид, 17. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Конечно падна одлуката – Охридскиот пливачки маратон ќе се одржи оваа сабота, на 19-ти август.

Сепак низ градот воопшто не се забележува некаква најава за истиот и нема информација дека ќе се одржи 31-то издание на оваа престижна спортска манифестација.

Единствената најава и информација дека ќе има маратон може да се добие од информативните појаси по медиумите, а и тие до скоро нагаѓаа ќе се одржи или не оваа некогаш исклучително значајна спортска манифестација.

malmaraton2015За да биде уште понејасна маглата која редовно секоја година се создава околу овој спортски настан, истиот е под највисоко покровителство на Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов. Годинава, како главен организатор покрај Пливачката федерација на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Сојузот на спортски федерации на Македонија, се јавува и Општина Охрид. Но, доколку поминете низ охридските улици, чаршијата, плоштадот нема да најдете ниту еден плакат, билборд или најобичен флаер кој ќе информира дека воопшто ќе има пливачка трка. Очигледно организацијата некаде затаила, па, во градот домаќин на пливачката трка воопшто нема реклама.

carsija2Охридскиот пливачки маратон, кој преставува еден од спортските амбасадори на Охрид и нашата република има долга традиција. Првата маратонска трка се одржа во 1954 година, а првиот Охридски пливачки маратон во 1962-та, кога на 5-ти август се пливаше Првиот светски шампионат во маратонско пливање на слатки води, кој прерасна во една од најголемите спортски манифестации од таков вид во Република Македонија.

maraton62Меѓу професионалците победи Абдел Абу Хеиф од Обединатата Арапска Република, а меѓу аматерите неговиот сонародник Небил Шазди. Во женска конкуренција победи охриѓанката Атина Бојаџи. Во професионалната трка од македонските пливачи голем успех постигна Дики Бојаџи (трето место) и Климе Савин кај аматерите, кој го освои четвртото место.

– Во 1960 година на маратонот во Капри, каде што Дики Бојаџи беше прв, присуствуваше и шеикот од Кувајт, Ел Габар ел Сабах. Цели четири години потоа шеикот доаѓаше во Охрид со голема придружба и беше главен мецена, делејќи во тоа време 1.000 фунти за првите тројца маратонци, изјави своевремено за DW долгогодишниот тренер, некогашен пливач и организатор Александар Леко Радиќ.

lekoradicПостарите се сеќаваат дека тогаш маратонот го следеле, во денешно време неверојатни, 40 до 50.000 гледачи. Првите години се пливаше на релација Пештани-Струга-Охрид во должина од 35 километри. Стартот од Св. Наум беше воведен по возобновувањето на маратонот на почетокот на деведесеттите години од минатиот век.

Како трка е дел од Гран при серијата на ФИНА, а често бодовите освоени во Охрид беа одлучувачки за конечниот ранг на светската листа на марaтонско пливање. Но, последниве години, вклучувајќи ја и оваа, под знак прашање се доведуваше неговото одржување. Самата традиција и значењето на Охридскиот пливачки маратон воопшто не го заслужува ваквиот третман.

Шеици и круинисани глави некогаш доаѓале да го гледаат овој спортски настан, за потоа да дочекаме да се случуваат и бисери како „заборавање да се пријави“, „собирање пари од по дома за да се дадат наградите“ и сл. Колку пропуштаме зборува и фактот што пред две години Охридскиот пливачки маратон се најде меѓу десетте причини да се посети Македонија на популарната интернет-страницата „Хафингтон пост“.

maratonplivanjeОхрид му треба на Охридскиот пливачки маратон, но уште повеќе маратонот му треба на Охрид за да го прати гласот за неговите убавини надалеку низ светот. Да се собере екипа на луѓе кои го вложиле целиот свој интелектуален и животен капацитет во пливањето, да се обезбеди сериозна поддршка од државата и поголемите спонзори и конечно, сите заедно, да му го вратиме сјајот на маратонот, истиот оној кој го имаше и кој го заслужува. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес