peco nedanov

Неданов: Традицијата на Охридскиот атлетски маратон продолжува, а градов има талентирани деца и потенцијал за развој на атлетиката

Охрид, 17. август 2017 (ОХРИДПРЕС) –  Традицијата на одржување на атлетскиот маратон нема да згасне, на 8-ми септември, денот на македонската независност ќе се одржи 31-то издание на Интернационалниот атлетски маратон Охрид 2017.

Минатата година беше најавено дека поради финансиски проблеми овој маратон во должина од 30 километри, од Свети Наум до Охрид повеќе нема да се одржува, што наиде на разочарување кај учесниците, но и кај вљубениците во атлетиката.

Благодарение на несебичното залагање на поединци, како и моралната поддршка од атлетичарите, Здружението „Охридски Атлетски Маратон 2012“ одлучи сепак оваа трка да не згасне.

Околу подготовките за годинашниот маратон, предизвиците со кои се соочуваат, но и за атлетиката и нејзината иднина во Охрид, поразговаравме со претседателот на Охридскиот атлетски маратон, Пецо Неданов.

atletskimaraton

Супер радио: На почетокот честитки за упорноста и ентузијазмот што не дозволивте да прекине една ваква спортска манифестација во Охрид. Веруваме не беше лесно.

Неданов: Да, како што знаете, од минатата година неколку пати веќе најавувавме дека за жал ќе ја прекиниме традицијата на одржување на овој маратон заради немање слух од локалната и централната власт за поддршка на манифестацијата. Но, по иницијатива на еден дел од маратонците и претседателот на Атлетската федерација на Македонија, Крсте Серафимоски, кои воедно се ангажираа  да обезбедат спонзори за оваа трка, решивме повторно да ја продолжиме традицијата и да се одржи 31-от Меѓународен атлетски маратон.

atletskimaraton2017

Супер радио: Збор два за историјата и традицијата на атлетскиот маратон во Охрид.

Неданов: За првпат овој маратон е одржан во 1976 година на иницијатива на Живко Стојчески, кој воедно е и најтрофеен маратонец. Тој во првите пет години бил победник на маратонот. Сега живее во Австалија,  а како вљубеник во спортот, особено во атлетиката, годиниве наназад се јавува и како главен и најголем спонзор на маратонот. Оваа манифестација прерасна од општински, сојузен, па до меѓународен атлетски маратон. Во континуитет се одржуваше се до 1993 година, по што имаше пауза.
Во 2004-та година по иницијатива на повеќето членови кој се и во сегашниот организационен одбор,а секако и на еден од најголемите иницијатори, кој за жал не напушти минатата година,покојниот професор Влатко Димитров, се реши после 10 годишна пауза да се продолжи традицијата со организација на оваа прекрасна манифестација.
Кога сме кај ова, вреди да се спомене дека професорот Димитров пишуваше книга за маратонот, која за жал не успеа да ја издаде. Податоците континуирано се внесуваат секоја година. Останува да се надеваме дека ќе се најде некој спонзор кој ќе застане зад објавувањето на книгата, бидејќи навистина е долга историјата на оваа маратонска трка.

maraton2

Супер радио: Сега да се вратиме на овогодинашниот маратон. Најавивте и воведување на новини.

Неданов: Покрај маратонската трка во должина од 30 километри, на патеката од Свети Наум до Охрид, ќе имаме и рекреативна трка, во должина од 5 километри. На овој чекор се одлучивме за да има поголема масовност, поголем интерес, да има повеќе публика на целта. Очекуваме годинава да имаме рекорден број учесници. Пријавувањето е веќе во тек, преку страната smartrace.club и имаме информации дека досега се пријавени 12 учесници и тоа 6 мажи и 6 жени. Имаме една атлетичарка од Бугарија и две од Србија, останатите се од Македонија.
Стартот од Св.Наум ќе биде во 09:00 часот, а за рекреативната трка е во 09.30 часот. Стартот и целта за оваа трка ќе биде пред Центарот за култура „Григор Прличев“, каде впрочем е и целта за маратонот.

Супер радио: Маратонот се одржува на симболичен датум, 8-ми септември, Денот на независноста на Република Македонија.

Неданов: Да. Претходно се одржуваше на Денот на ослободувањето на Охрид – 7-ми ноември, а од 2004-та па се до оваа 2017-та година е на 8-ми септември. Па токму затоа премиерната рекреативна трка што ја воведовме годинава ја именувавме „Трка за независноста“.

pateka5km

Супер радио: На минатите два маратони беа срушени рекордите на 30 километарската патека во машка и женска конкуренција. Какви се очекувањата за годинава?

Неданов: Минатата година беше соборен рекордот на патеката во машка конкуренција, кој беше поставен во 1993 година од страна на Борислав Девиќ (01:39:13). Кениецот Абел Кибет Роп лани успеа да истрча за време од 1:34:58. Имам најави дека и оваа година ќе дојде во Охрид на нашиот маратон и дека ќе атакува и на поставување на нов рекорд.
Кај жените засега не знаеме каква ќе биде конкуренцијата, сепак ќе мора да почекаме на неколку дена пред одржување на трката, кога веќе ќе имаме појасна слика за бројот и квалитетот на маратонците. Во 2015 година Ребека Џепчирчир  од Кенија  со време 1:48:12 го собори рекордот во женска конкуренција што од 2010-та го држеше србинката Ана Суботиќ (01:55:23), па ќе вивиме како ќе биде оваа година.

pobednici1

Супер радио: Малку и за наградниот фонд. По неговото објавување се јавија реакции.

Неданов: И минатите години имаше различна парична награда за првите тројца во машка и женска конкуренција, па немаше никакви коментари. По одржан состанок одлучивме да го изедначиме наградниот фонд за мажи и жени. Па, еве и добивме на популарност кај женските учеснички. Досега максимален број на жени учеснички имавме во 2008 година кога трчаа 13 припаднички на понежниот пол. Мал број за овој маратон, на кој бројката на учесници достигнува над 100 секоја година.  Значи, наградниот фонд е 700,300 и 200 евра и во машка и во женска конкуренција, а предвидовме и 150,100 и 50 евра за првите тројца најдобри македонци. И покрај критиките изнајдовме сепак подобро решение за сите, со тоа што ќе има временско ограничување за добивање награда, кое беше пракса и порано.  Кај мажите тоа ќе биде 2 часа и10 минути, а кај жените 2 часа и 40 минути.

Супер радио: Пријавувањето и за двете трки е во тек. До кога ќе трае и колква е котизацијата?

Неданов: За маратонците котизацијата е 10 евра, за пријавување до 25-ти август, а потоа ќе биде 15 евра. Ова го направивме за што порано да имаме, да знаеме одредена бројка на маратонци кои ќе трчаат и што можеме да очекуваме. За рекреативците пријавувањето е до 5-ти септември, котизацијата е 400 денари, обезбедено е електорнско мерење на времето, дипломи за сите учесници, а вечерта пред трката е предвидена е pasta party.

Супер радио: Остануваме кај атлетиката, да позборуваме за иднината на „кралицата на спортовите“ во Охрид. Еве, АК „Охрид“ годинава слави јубилеј, 40 години од своето постоење, а има блокирана сметка.

Неданов: Токму така, четири децении постоење, јас сум првиот член што добил членска книшка број еден, навистина се работи за една долга традиција. Тука ќе споменам дека професорот Влатко Димитров е еден од најзаслужните за опстојувањето на клубот и квалитетот на охридската атлетика. Како клуб сме имале многу рекорди и во Македонија и бројни успеси на меѓународен план, навистина се постигнало многу во атлетиката. Јас со атлетика се занимавав околу три години, до завршување на средно училиште. Потоа кога заминав на факултет тренирав кратко во „Динамо“ Загреб. Со само една година постоење, бранејќи ги боите на АК „Охрид“, станавме екипни прваци на Македонија во младинска конкуренција.

За жал, сметката на клубот е блокирана повеќе од четири – пет години од фондот за ПИОМ, секоја година се напластуваат камати и тешко се функционира. Како можно решение би било зад нас да застане централната власт, да се отпишат тие долгови и клубот да профункционира онака како што треба. Години наназад се трудиме да обезбедиме барем превоз за да можат нашите атлетичари да одат на натпревар, за останатите трошоци се снаоѓаат и сами. Охрид има многу талентирани деца, рекордери, учесници на Олимпијади. За жал сега поради немањето услови и можности клубот е сведен на многу малку членови, а градот има потенцијал за атлетика. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/fb