Забава Избор

Се „крчкаат“ песните на Андреа Јованоска и Емилија Петровска од OhridSUPERSTAR за Охрид фест

Охрид, 18. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во студијата на Јовица Каралиевски, Димче Китрозоски и Даниел Јовески се привршуваат песните кои ги освоија како награда младите Андреа Јованоска и Емилија Петровска, учеснички на првото издание на Талент шоуто OhridSUPERSTAR и со кои ќе настапат на годинешното издание на престижниот фестивал „Охрид фест 2017“.

– Се` е подготвено за престојниот „Охрид фест 2017“. Имаме одлично летно хитче со Андреа Јованоска, финалистка на OhridSUPERSTAR и емотивна поп класика со Емилија Петровска, младата дама со прекрасен глас која исто така се претстави на првото издание на ова Талент шоу. Се гледаме и слушаме на секогаш најубавата сцена годинава пред хотелот „Ривиера“, порача на неговиот профил на Facebook Јовица Каралиевски, кој испрати голема благодарност за исклучителната соработка до Димче и Жармена Китрозоски, Даниел Јовески и Дамјан Пејчиноски.

Даниел во негов стил „ја подигна летвичката“ и на неговиот профил јасно порача:

– Од 2010-та година, откако победивме со Ѓоко Танески, не сум се појавил со мој звук на овој фестивал, истакна Јовески.

24-то издание на интернационалниот музички фестивал Охрид фест – Охридски трубадури 2017, ќе се одржи на кејот „Македонија“ во Охрид, на 5-ти, 6-ти, 7-ми и 8-ми септември. Повеќе детали за фестивалот, во интервјуто со првиот човек на оваа престижна музичка манифестација Григор Копров, кое ќе го објавиме во текот на утрешниот ден.

Ова е само продолжение на активностите кои следуваа по првото издание на Талент шоуто OhridSUPERSTAR. На фестивалот „Езерски бисери“ неодамна настапија Ирма Гогова, Ивана Коскоска и Светлана Вељаноска, кои имаа забележителен настап, а во тек е и радио проектот на Илија Богданоски, кој на шоуто ја доби токму таа награда. Наскоро на регионалната О2 телевизија ќе започне да се емитува и Тв проектот, кој е во продукција на Супер радио и Тамаро, а е исполнување на наградата за Тв проект на младата актерка Ангела Маркоска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука