Избор Охрид

На првиот уписен рок на ФТУ се пријавиле 172 матуранти

Охрид, 20. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – На првиот уписен рок за академската 2017/2018 година, на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се пријавиле вкупно 172 матуранти.

Според конкурсот на оваа високообразовна институција, школувањето ќе може да го продолжат 430 бруцоши. Од нив 215 места се за редовни студенти во државна квота, 120 места за редовни студенти со кофинансирање и 95 за вонредни студенти.

Идните бруцоши во трката за индекс можеа да изберат четиригодишни студии во насоките туризам, осигурување, царина и шпедиција, менаџмент во услужен сектор, гастрономија и хотелско – ресторански менаџмент. Покрај тоа, со конкурсот се предвидени и тригодишни универзитетски студии на насоката за безбедност и финансиска контрола, која се реализира заеднички со Факултетот за безбедност.

Освен на македонски, за насоките туризам и царина и шпедиција годинава се нудеше и програма на англиски јазик.

По пет години паузирање, од годинава повторно е активирана програмата Безбедност и финансиска контрола, на која според првичните информации е пополната квотата за редовни студенти во државна квота. Од предвидените 40 места, сега остануваат уште по 10 во квотата редовни со кофинансирање и вонредни студенти.

На насоката царина и шпедиција има уште 10 слободни места и тоа само за вонредни студенти. На ФТУ – Охрид има уште 258 слободни места.

Втората шанса за пополнување на слободните места ќе биде на 1-ви и 4-ти септември, а доколку и тогаш не се пополни бројот, третиот уписен рок ќе се одржи на 14-ти септември. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука