struskiveceri

Спуштена завесата на 56-те Струшки вечери на поезијата

Струга, 28. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со доделувањето на наградите „Златен венец“, „ Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“, синоќа завршија 56-те Струшки вечери на поезијата.

– Убава ноќ, убава река, подобро не може да биде“, беа зборовите на благодарност на годинашниот добитник на „Златниот венец“, американскиот поет Чарлс Симиќ. Наградата му ја врачи претседателката на Управниот одбор на манифестацијата, Елизабета Шелева.

nagradastruskiveceri2

Наградата „Браќа Миладиновци“ на истакнатиот поет Михаил Ренџов за неговата книга „Јас. Елегии“ му ја врачи Кристина Николовска претставник на жири-комисијата која одлучуваше за најдобрите поетски збирки. Инаку, Ренџов е двократен добитник на најпрестижното национално признание за поетско творештво кое му беше доделено и во 1982 година за книгата „Нерези“.

nagradastruskiveceri3

Наградата „Мостови на Струга“ што се доделува заедно со УНЕСКО, на младиот хрватски поет Горан Чолакхоџиќ му ја врачи директорот на манифестацијата Мите Стефоски.

nagradastruskiveceri

Церемонијата на свеченото затворање на фестивалот продолжи со традиционалното поетско читање „Мостови“ на кое настапија дваесетина поети.

На полноќ во хотелот „Дрим“ на поетот Јосип Коцев му беше врачена наградата „Енхалон“ за најдобра песна од млад автор од Македонија прочитана на фестивалот.

Денеска Струшките вечери се селат во Скопје. Во 13:00 часот на платото пред црвквата „Св. Андреа“ на Матка ќе се одржи традиционалното поетско матине, а во 21:00 часот поетите-учесници на 56-те Струшки вечери на поезијата ќе ги читаат своите стихови на плоштадот „Македонија“. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: СВП