zlatnapetorka2

Премиера на филмот „Златна петорка“ во САД

Скопје/Њу Џерси, 6. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Долгометражниот игран филм „Златна петорка“ на Горан Тренчовски влезе во официјалната селекција на 36-то издание на престижниот Интернационален филмски фестивал во Њу Џерси (New Jersey Film Festival), од 367 пријавени филмови од цел свет.

Филмот Златна Петорка е најнаградуван и најгледан македонски филм во последните пет години.

Покрај американската премиера на 22 септември, на покана на организаторот, режисерот Тренчовски ќе оствари средба со студенти и професори на Универзитетот Ратгерс во Њу Брансвик, а продуцентот Дејан Милошевски (Револутион) ќе преговара со потенцијални дистрибутери на филмот за САД.

Филмот на 8 септември ќе се прикаже на Централно-Европскиот филмски фестивал во Темишвар, Романија, на 19 септември на Фестивалот на филмската режија во Лесковац, а потврдени се селекциите и на фестивали во Полска, Чешка и Русија.

Инаку, „Златна петорка“ досега е селектиран на 20-тина филмски фестивали, има освоено пет интернационални награди и е најгледан филм во Македонија во изминатата сезона. (Крај)

извор: Плусинфо фото: архива