dilaverbojkuleku1

Убиецот на Дилавер Бојку – Леку по убиството заминал со првиот лет за Швајцарија

Струга, 6. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со убиството на Дилавер Бојку Леку, извршено на 14-ти август годинава во неговиот ресторан на струшката плажа „Аква блу“, истрагата засега не соопштува никакви нови детали.

Но голема е веројатноста дека истрагата не стои во место, и дека има значаен прогрес, особено во делот од реконструкцијата на случајот и идентификацијата на учесниците во извршувањето на кривичното дело. Меѓутоа, мотивот за вршење на делото сѐ уште докрај не е расветлен. Но тоа не беше пречка, во неколку наврати во медиумите да се појавуваат одредени шпекулации, кои се главно без никаква основа и само ја замајуваат јавноста, пишува Нова Македонија.

Сепак и при недостиг од официјални сознанија, изворите на весникот, независни од истрагата, од Струга информираат дека полека се склопуваат коцките од мозаикот. Неколку нови индикатори поврзани со убиството, покажуваат дека криминалната егзекуција била долготрајно планирана. Второ, постојат индиции дека се инволвирани повеќе лица во криминално, односно во т.н. злосторничко здружување, од кои најмалку пет лица биле непосредни организатори на убиството, а еден од нив – директен извршител. Постојат индиции и дека криминалната егзекуција требало да се реализира токму на денот кога има авионски лет за странска држава, токму од најблискиот аеродром, а часот за „реализација“ да се сочека за биде многу кратко време пред полетувањето на авионот, односно чекирањето (и летот, се разбира од државава) да биде во последниот момент. Во таквиот контекст, веројатно исклучително добро се водело сметка и за „идентитетот“ на извршителот и за неговите „оригинални“ патни исправи, односно и при купувањето на картата извесно време однапред.

Пред сѐ, нов момент е сознанието дека убиецот неколку дена пред убиството доаѓал во „Аква блу“ и спокојно си нарачувал некаков пијалак, ќе го испиел и си одел без да комуницира со никого. Непознатиот дошол и критичниот понеделник, си седел на својата маса и откако ја испил пијачката платил и влегол во тоалетот.

На излегување, околу 16:15 часот, смирено пришол до масата на која седел Дилавер Бојку, испукал само еден куршум во главата на жртвата, во близината на слепоочницата. Истрелот бил смртоносен. Потоа избегал во правец на стадионот на Караорман, но откако забележал дека двајца од гостите го бркаат испукал кон нив два куршума, по што гонителите се повлекле. Убиецот кај стадионот се качил на моторче што лично го управувал и според изворот на Нова Македонија, ставил заштитен шлем и откога се уверил дека никој не го гони, се вратил назад во правец на „Аква блу“, но не застанал таму туку продолжил кон хотелот „Мираж“ што е оддалечен околу 200 метри од местото на злосторството, во насока на Охрид. Таму го чекал камионет „Мерцедес“. Извршителот, како во филмовите, заедно со моторот влегол во приколката на камионот. Оттаму тој е префрлен до аеродромот „Св. Апостол Павле“, каде што во 16:35 часот пристапува на шалтерот за да го чекира билетот за летот за Базел. Истиот извор наведува дека во чекалницата за полетување влегол уште во 17:15 часот, а летот бил во 18:30 часот. Се претпоставува дека луѓето што му го организирале доаѓањето во Струга го засолниле на сигурно во Швајцарија, каде што засега му се губи трагата.

Нов момент е и бројот на учесниците во планирањето и изведувањето на убиството на Дилавер Бојку. Според информациите на изворите, за луѓето што ја организирале, планирале и реализирале целата оваа акција, се тврди дека се петмина на број. Тие дополнително имале своја мрежа и логистика, составена од луѓе од струшкото село Ливада. За лицата од логистиката на егзекуторите се тврди дека тие и не биле во тек со деталите на криминалната акција, која грижливо се подготвувала. Но, овие јатаци секако ѝ олесниле на петчлената група што го реализирала убиството, да го лоцираат Леку при неговото враќање во Македонија, непосредно пред убиството, бидејќи тој бил извесен период во странство, од претпазливост поради опасноста од крвна одмазда. Но неговото враќање не останало незабележано од јатаците, кои го препознале и добро го простудирале неговото движење.

Овие нови сознанија говорат дека целата акција за ликвидација на контроверзниот бизнисмен од Струга била долго и прецизно планирана. Кога веќе биле утврдени сите детали, бил донесен егзекуторот што си ја завршил својата работа. Дали и кога ќе биде откриен и изведен пред лицето на правдата останува да покаже истрагата, пишува весникот. (Крај)

фото: архива извор: Нова Македонија