andreasuperstar

Андреа Јованоска и Емилија Петровска од OhridSUPERSTAR вечерва ќе настапат на Охрид фест

Охрид, 7. септември (ОХРИДПРЕС) – Младите Андреа Јованоска и Емилија Петровска, учеснички на првото издание на Талент шоуто OhridSUPERSTAR вечерва ќе настапат на годинешното издание на престижниот фестивал „Охрид фест 2017“.

Андреа ќе се претстави со песната „Љубена“, а Емилија со „Одговор“. Песните се работеа во студијата на Јовица Каралиевски, Димче Китрозоски и Даниел Јовески, а за двете надежни пејачки се дел од наградите кои ги освоија на OhridSUPERSTAR.

– Се` е подготвено за престојниот „Охрид фест 2017“. Имаме одлично летно хитче со Андреа Јованоска, финалистка на OhridSUPERSTAR и емотивна поп класика со Емилија Петровска, младата дама со прекрасен глас која исто така се претстави на првото издание на ова Талент шоу. Се гледаме и слушаме на секогаш најубавата сцена годинава пред хотелот „Нова Ривиера“, порача на неговиот профил на Facebook Јовица Каралиевски, кој испрати голема благодарност за исклучителната соработка до Димче и Жармена Китрозоски, Даниел Јовески и Дамјан Пејчиноски.

Даниел во негов стил „ја подигна летвичката“ и на неговиот профил јасно порача:

– Од 2010-та година, откако победивме со Ѓоко Танески, не сум се појавил со мој звук на овој фестивал, истакна Јовески.

24-то издание на интернационалниот музички фестивал Охрид фест – Охридски трубадури 2017 започна синоќа на кејот „Македонија“ во Охрид. Повеќе детали за фестивалот, во интервјуто со првиот човек на оваа престижна музичка манифестација Григор Копров.

Ова е само продолжение на активностите кои следуваа по првото издание на Талент шоуто OhridSUPERSTAR. На фестивалот „Езерски бисери“ неодамна настапија Ирма Гогова, Ивана Коскоска и Светлана Вељаноска, кои имаа забележителен настап, а во тек е и радио проектот на Илија Богданоски, кој на шоуто ја доби токму таа награда. Наскоро на регионалната О2 телевизија ќе започне да се емитува и Тв проектот, кој е во продукција на Супер радио и Тамаро, а е исполнување на наградата за Тв проект на младата актерка Ангела Маркоска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива