kulibliznacki

16 години од терористичките напади во САД

Њујорк, 11. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – САД денеска одбележуваат 16 години од стравичните координирани терористички напади, кои на 11-ти септември 2001 година го шокираа целиот свет.

Во нападите загинаа вкупно 2.998 лица, од кои 2.603 во Светскиот трговски центар, 246 патници во киднапираните авиони, 125 во Пентагон и уште 24 лица се водат како исчезнати. Во овој збир не се вклучени и загинатите 19 терористи.

Нападите во 2001 година ги извршија припадници на терористичката група Ал Каеда, а тој трагичен настан го означи почетокот на американската и западната глобална кампања против тероризмот, која резултираше со војните во Авганистан и во Ирак, со отворање на затворот во Гвантанамо, јакнење на безбедносите мерки и агенции на сметка на човековите права, со зголемување на воениот буџет.

Во САД одбележувањето на годишнините традиционално се одржува во Националниот меморијален центар, кој се наоѓа на местото на некогашниот Светски трговски центар, каде се урнати кулите близначки.

Оддавањето почит на жртвите во Меморијалниот центар вклучува и читање на имиња на настраданите во нападите од 1993 и 2001 година, додека навечер два снопа сина светлина насочени кон небото потсетуваат на урнатите кули.

На 11-ти септември 2001 година два киднапирани авиона ги урнаа кулите близначки по што следеше удар на третиот авион врз зградата на Пентагон во Вашингтон. На крајот е соборен авион во Пенсилванија.
Првиот авион на „Американ ерлајнс“ во 8:46 часот по локално време удри во северната кула на Светскиот трговски центар во Њујорк, а 17 минути подоцна вториот киднапиран авион на компанијата „Јунајтед ерлајнс“ удри во јужната кула, додека третиот го погоди седиштето на Пентагон.

Од кулите-близначки во Њујорк само 20 луѓе, кои биле на катовите над местото на нападот успеале безбедно да ја напуштат зградата пред да се урнат. Меѓу жртвите имало 371 странец, а 343 пожарникари загинаа во падот на кулите-близначки додека се обидувале да им помогнат на повредените да ги напуштат зградите.

Нападите на 11-ти септември 2001 година досега се еден од најзначајните настани во 21. век, кој предизвика бројни економски, социјални, културни и други последици во САД и други делови од светот. (Крај)

извор: МИА фото: архива