bolnicaohrid

Докторка од Охрид тврди дека била партиски деградирана на пониска работна позиција

Охрид, 11. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Докторката Елена Шикаловска од ЈЗУ Општа болница од Охрид поднела приговор до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) против в.д. директорката Славица Малевска Стојадиновиќ.

Во приговорот, Шикаловска наведува дека била незконски и партиски деградирана од позицијата раководител на медицинска биохемија во пониска работна позиција. Таа од антикорупционерите бара решението на в.д. директорката да биде поништено бидејќи е донесено по денот на распишување на изборите.

Известителот за овој приговор рече дека овој предмет има и финансиски импликации, со оглед на тоа што на докторката Шикаловска ѝ е намалена платата.

ДКСК одлучи предметот да го земе во работа и да побара во рок од 15 дена информација од болницата во Охрид.

На денешната седница на ДКСК беше разгледан и приговорот на Јовица Јовевски поднесен против Службата за општи и заеднички работи при Владата. Јовевски приговара дека бил деградиран и распределуван како референт-доставувач во различни министерства и државни институции.

Жаклина Дамчевска од ДКСК на членовите на комисијата им предложи приговорот да биде одбиен бидејќи лицето е интерно прераспределувано, но не и деградирано. (Крај)

извор: Макфакс/В. Маглешов фото: Макфакс