makedonijaizbori

Само Стевоски и Настоски досега поднеле кандидатски листи до ОИК

Охрид, 14. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва на полноќ истекува рокот во кој партиите или независните кандидати можат да ги поднесат своите кандидатури за учество на претстојните локални избори закажани за 15-ти октомври.

До Општинската изборна комисија во Охрид досега се поднесени само две кандидатски листи.

– Досега кандидатура има поднесено независниот кандидат за градоначалник Стевчо Стевоски, како и Љупчо Настоски, како носител на независна советничка листа од група избирачи, вели Марика Костадиновска од ОИК – Охрид.

Кога сме кај независните кандидати, во трка е и независната советничка листа на Арбен Демироски.
Според податоците, најголемите партии сеуште не ги имаат доставено листите до Општинската изборна комисија.

Колку за потсетување, на шестите по ред локални избори СДСМ за свој адут за градоначалник го избра професорот на ФТУ, Јован Стојаноски, а д-р Константин Георгиески, специјалистот по интерна медицина ќе биде носител на нивната советничка листа.

ВМРО ДПМНЕ вчера објави дека д-р Митко Тилевски е нивен избор во трката за првата општинска фотелја, додека носител на советничката листа ќе биде новиот претседател на општинскиот комитет, Кирил Пецаков.

По доставувањето на листите, ОИК во рок од 48 часа од приемот на листата утврдува дали таа е поднесена во соодветниот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Доколку се констатира некоја неправилност, поднесувачите имаат рок од 48 часа да ги отстранат неправилностите, а ОИК ги потврдува со решение.

Потврдените листи на кандидати ОИК треба да ги достави до Државната изборна комисија најдоцна до 16-ти септември заради утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати.

Според Роковникот за изборни дејствија, ждрепката треба да се одржи на 18-ти септември. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива