smetkovoditeli3

Министерството за финансии пресече: Правилникот на сметководителите е незаконски и не треба да се применува

Скопје, 14. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – По реакциите на голем број сметководители и правни субјекти, Министерството за финансии уште еднаш укажува дека Предлог-правилникот за утврдување основни критериуми при утврдување минимални трошоци за вршење книговодствени работи.

Истиот е објавен на веб-страницата на Институтот на сметководители и овластени сметководители на РМ, е незаконски и затоа не треба да се применува.

Претходно, на 19-ти јуни 2017 година, Министерството за финансии реагираше со допис до Институтот, на Актот донесен од нивна страна со кој се утврдуваат минималните трошоци за вршење книговодствени работи, укажувајќи им на фактот дека тој е противзаконски и дека Собранието на Институтот нема надлежност при утврдување на минималните трошоци за вршење книговодствени работи. И покрај тоа, Управниот одбор на Институтот донесе Предлог-правилник со кој се утврдуваат основни критериуми за утврдување минимални трошоци при вршење книговодствени работи, кој, како што се вели во самиот Предлог–правилник, треба да стапи на сила од први јули.

Ова е спротивно на Законот за вршење сметководствени работи, во кој точно се утврдени надлежностите на Управниот одбор на Институтот, според кои тој може да ги утврдува критериумите за утврдување на цената на услугите, но не и минималните трошоци за нив.

Согласно ова, известуваме дека во моментов Министерството за финансии, согласно законските овластувања утврдени во Законот за вршење сметководствени работи, врши надзор над работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија.

Супер радио и Ohridpress во неколку наврати пишуваа за овој проблем и ги пренесоа реакциите на голем број сопственици на фирми од Охрид, но и законската регулатива која го покрива овој дел. (Крај)

извор: finance.gov.mk фото: архива