ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид

Делот од Охридското Езеро од албанска страна се очекува да биде ставен на листа на УНЕСКО во 2019 година

Охрид, 18. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Делот од Охридското Езеро од албанска страна најверојатно во 2019-та година ќе биде ставен под заштита на УНЕСКО, што ќе значи преземање на обврски и на интегрална заштита.

Експерти од албанските министерства за туризам и култура работат на финализирање на номинацијата, која ќе биде поднесена во месец февруари идната година.

Ова било соопштено на Шестиот прекуграничен состанок на проектот „Зајакнување на управувањето со заедничкото прекугранично природно и културно наследство на регионот Охридско Езеро“, што деновиве се одржа во Поградец, Албанија.

Состанокот е дел од заедничката иницијатива на Европската унија и УНЕСКО во тесна соработка со албанските и македонските власти за зајакнување на прекуграничната соработка за управување со природното и културното наследство на Охридското Езеро.

– Запишувањето и зштитата на остатокот од Охридското езеро под капата на УНЕСКО ќе значи зајакнување на заштитата и интегритетот на ова наследство, истакна проектниот менаџер, Александра Фибиг.

Проектот за заштита на делот од Охридското езеро на албанска страна започна во 2014-та година. Дејан Паноски од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, тогаш потенцира дека значењето на овој проект се состои во самата цел на неговата реализација, односно ставање на албанската страна на Охридското Езеро под заштита на УНЕСКО со што би требало да се создаде и обврска покрај статусот, за поголем процент на заштита на Охридското езеро од албанска страна.

Македонскиот дел од Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО уште од 1979 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука