Javna administracija, ministerstvo za finansii i  ministerstvo za obrazovanie i nauka

МОН: Директорите да одлучуваат дали ќе дозволат носење шамии на часови

Скопје/Охрид, 19. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со реакцијата од Народниот правобранител дека на ученички од ОУ „Братство и единство“ во Охрид им било забрането да посетуваат настава зашто носеле шамија на глава, Министерството за образование и наука соопшти дека кај нив се обратил родител на две ученички од училиштето со барање за мислење за случајот со неговите ќерки на кои не им е дозволено следење настава поради носење превез.

– Министерството за образование и наука во одговорот на писмото укажа дека согласно Законот за основно образование, основното образование е задолжително. Исто така укажа дека во надлежност на директорот е да ја организира, планира и води работата на основното училиште и е одговорен за остварување на правата и обврските на учениците. Зачудува погрешното толкување на дописот на МОН дека со него се дава дозвола за било какво однесување на директорот или на родителот на ученичките. Напротив, МОН укажа на задолжителноста на основното образование и на надлежноста и одговорноста на директорот на училиштето за остварување на правата и обврските на учениците, наведува МОН во допис до медиумите.

Притоа, посочува МОН, се подразбира дека сите граѓани се должни да го почитуваат Уставот и законите во Република Македонија, вклучувајќи ги и директорите на училиштата кои својата надлежност треба да ја вршат во рамките на позитивните правни прописи.

– Поради заблудите кои се појавија во јавноста по повод овој случај, МОН во оваа прилика укажува и дека директорите на општинското основно училиште се избираат и разрешуваат од страна на градоначалниците на предлог на училишниот одбор на основното училиште. Ако постојат сознанија за постапување на директорот со кое по негова вина е нанесена штета на учениците, на нивните родители или на училиштето, училишниот одбор свикува седница на која се донесува заклучок во писмена форма кој се доставува до директорот, соопштува Министерството.

МОН додава и дека во законот е регулирано дека во случај на евентуално постоење прекршување на законите и оневозможување на остварување на правата на учениците, надлежност имаат покрај училишниот одбор, Државниот просветен инспекторат, градоначалникот и на крајот, по спроведена постапка од страна на другите органи, Министерството за образование и наука. (Крај)

извор: МОН фото: архива

Омбудсман: На девојчињата во Охрид да им се дозволи со шамија да ја следат наставата