ohridvo103108

Најмногу туристи доаѓаат во Скопје, но најмногу ноќеваат во Охрид

Скопје/Охрид, 20. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Бројот на странски туристи во Македонија во 2016 година, за прв пат по осамостојувањето надмина половина милион луѓе, последниве шест години најмногу туристи доаѓаат во Скопје, но најмногу ноќеваат во Охрид.

Порталот opendata.mk на Центарот за граѓански комуникации излезе со истражување спроведено преку обработка и анализа на податоците за туризам на Државниот завод за статистика, заклучно со 2016 година.

Според многу параметри клучна за македонскиот туризам е 2016 година, кога првпат по осамостојувањето бројката на туристи достигна над половина милион. Според проценките, пак, ако не беше кризата во 2001 година, токму во 2016 година, бројот на странски туристи би можел да достигне еден милион.

„Златни години“ за македонскиот туризам биле оние од 1977 до 1990 година, кога земјата годишно ја посетувале по повеќе од 500.000 странски гости. Максималниот број е достигнат во 1987 кога во Македонија дошле рекордни 689.016 странски посетители.
Рекордно најнизок број на странски туристи во последните шеесетина години дошле во „воената“ 2001 година – само 98.946 луѓе. Иако оттогаш наваму овој број постојано расте, тој е сѐ уште значително под бројките што се остварувани во „златното доба“ за туризмот.

И според последните извештаи расте бројот на странски туристи во земјава, па ако продолжи тој тренд, проценката е дека нивото од еден милион туристи годишно би се достигнал некаде по 2023 година.

Во последните шест години кои се предмет на подетална анализа во ова истражување, најмногу странски туристи во земјава (половина од вкупните) дошле од пет земји – три соседни и Турција и Холандија.

20% од сите странски гости, или секој петти странски турист е од Турција од каде само во 2016 година дошле 105.738 луѓе. Според бројноста следуваат туристите од соседните Србија, Грција и Бугарија, а потоа од Холандија.

turizam_2_640x360

Дури седум од првите десет земји од кадешто доаѓаат најмногу туристи се соседни или земји од регионот. Останатите три се Холандија, Германија и Полска.

Од другите аспекти за кои постојат податоци, интересен е податокот дека дури 93% од странските туристи престојуваат во хотели, а многу помал број (по околу 1,4%) во туристички апартмани и преноќишта.
Кога станува збор за местата што ги посетуваат, најмногу туристи доаѓаат во Скопје (39% од вкупните) и по езерата (34%). Сепак, иако најмногу туристи доаѓаат во Скопје, тие најмногу ноќеваат во крајезерските капацитети (43%), пред ноќевањата во Скопје (31%).

turizam_4_640x360Доаѓања и ноќевања на странски туристи по видови места (2011-2016)

За разлика од странските туристи чиј број од година во година постојано расте од 2001 година наваму, бројот на домашните туристи се движи со осцилации, односно осум години бележи раст, а седум намалување. Како и да е, во 2016 година во земјава се регистрирани 346.359 домашни туристи, бројка која сеуште е под нивото на домашните туристи пред кризната 2001 година, во 2000 година бројката била 408.507. (Крај)

извор: opendata.mk фото: opendata.mk/архива