birnistrazuvanje

Истражување БИРН: Во мандатот на Бакрачески не е завршен ниту еден ветен приоритетен проект

Охрид, 21. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На крајот од мандатот, најголем дел од приоритетните проекти што ги ветил градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, се почнати, фрлени се лопати и дел од објектите се во поодмината градежна фаза, меѓутоа речиси ниту еден не е завршен и пробиени се роковите што Бакрачески самиот ги зацртал во предизборна програма, покажува истражувањето на БИРН на буџетот и завршните сметки од 2013 до 2016 година на Општина Охрид.

Комплетното истражување е во прилог:

Општина Охрид, во мандатот на Бакрачески предвидела да потроши 10,7 милиони евра на капитални инвестиции, од кои реализирала 9,2 или големи 86,2 проценти. Сепак, по жител тоа се некаде околу 178 евра потрошени на инвестиции.

Автобуска станица. Бакрачески, пред четири години вети дека до 2016 година Охрид ќе има нова и современа меѓународна автобуска станица, меѓутоа автобуската почна да се гради дури лани во ноември. Од Општината велат дека перонскиот дел е во завршна фаза и оти етапно ќе се градат дополнителни содржини, како трговски центар и бензиска пумпа. Инвеститор е фирмата „Делфина турс“.

– Вкупната вредност на инвестицијата е седум милиони евра. Наскоро ќе почне и градбата на останатите содржини, кои треба да завршат најдоцна за четири години, велат од Општината за БИРН.

Автобуската чини нешто под милион евра и ќе се финансира дел од Општината, а дел од партнерство со приватна фирма.

Базен. Охриѓани годинава требаше да имаат затворен пливачки базен во комплексот на спортскиот центар „Билјанини извори“, меѓутоа објектот почна да се гради во ноември 2015 и новиот рок предвидува базенот да биде готов некаде во првата половина на 2019 година.

Коритото ќе има должина од 33 и ширина од 25 метри, ќе биде компатибилно за играње ватерполо и ќе има капацитет од 500 гледачи. Комплексот ќе има уште еден базен, фитнес-клуб, продавница за спортска опрема, комерцијален и административен простор, кафетерија, спа и велнес-центар и голем подземен магацински простор.

„Се гради по стандарди и технологија за градење базенски корита, која досега не е применета ниту на еден ваков објект во Македонија, а ќе биде и енергетски ефикасен со инсталирана соларна опрема и геотермални пумпи“, велат од кабинетот на Бакрачески.

Вкупната инвестиција е околу пет милиони евра, пари што ги обезбедува Агенцијата за млади и спорт.

Пристаниште. Исто така, до крајот на мандатот на Никола Бакрачески, во Охрид требаше да се реновира градското пристаниште, да се догради крак кон старото пристаниште и таму да се постават штитници од бранови – меѓутоа овој проект е во застој.

Според Општината, процедурата е застаната во министерствата за транспорт и за животна средина, а носител и инвеститор на проектот е државната компанија за пренос на струја МЕПСО. Целиот проект, според изборната програма, беше проценет на 10 милиони евра.

Пазар. Граѓаните на Охрид, во 2016 година требаше да добијат нов затворен зелен пазар на местото на сегашниот, меѓутоа, според Општината, за реализација на овој проект охриѓани ќе почекаат до следниот јануари.

Пазарот ќе биде на четири нивоа. Во подрумскиот дел ќе има 100 паркинг-места, а на приземјето ќе има 190 тезги, уредени по ХАСАП. Овој објект ќе се гради со јавно-приватно партнерство меѓу Охрид и АД „Илинден“ од Струга, а вредноста е точно пет милиони евра.

Катни гаражи. Во четиригодишниот мандат, Никола Бакрачески вети најмалку две катни гаражи, меѓутоа на крајот на четвртата година сѐ уште не е почнато да се гради ваков објект во Охрид.

Од Општината за БИРН велат дека во „брзо време“ се очекува да се издадат одобренија за градба за катните гаражи кај хотелот „Ривиера“ и кај спортскиот центар „Билјанини извори“, на кои инвеститори се Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор и ЕЛЕМ.

Вредноста на гаражите беше проценета на милион и 300.000 евра.

Пречистителна станица. Во предизборната програма, Бакрачески вети дека до крајот на мандатот ќе воведе нова технологија при третманот на отпадните води во селата Трпејца, Љубаништа и во местото Свети Наум, меѓутоа од Општината информираат дека целиот проект е сѐ уште во изработка и дека вклучува изградба на модерна пречистителна станица.

Овој проект, во вредност од три милиони евра, беше најавен како инвестиција на Општината, заедно со меѓународни организации.

Канализација. Градоначалникот, пред четири години вети дека до 2017 година ќе се реконструира и ќе се изгради фекална и атмосферска канализација низ улиците на Охрид и во селата: Велгошти, Лескоец, Пештани, Конско, Рача, Горно и Долно Лакочереј и Косел, а по четири години, сите села не го добиле тоа што им било ветено.

Од локалната власт информираат дека целосно е завршена реконструкцијата на канализацијата за Долно Лакочереј, додека за другите населени места завршени се три од четирите предвидени фази за реконструкција или за изградба на целосно нова инфраструктура.

Реконструкциите и изградбата на ветените канализации чини некаде околу два милиони ева и 850.000 евра, пари од Општината и од републичкиот буџет.

Водовод. Во рамки на четиригодишниот мандат беше ветена изградба и доизградба на водоводните системи во селата Велгошти, Лескоец, Вапила, Ливоишта и во Елшани и, според официјалните податоци, овој приоритетен проект на Бакрачески е делумно остварен.

Изградена е водоводната мрежа во селото Елшани, а поголем дел е направена и во селото Лескоец, меѓутоа, како што велат од Општината, останува да се изградат или да се реконструира водоводот во селата Вапила и Ливишта.

Водоводите чинат милион и 300.000 евра, пари предвидени од општинската каса. (Крај)

извор: prizma.mk фото: prizma.mk