Култура Охрид

Со ораторски средби Охрид му се оддолжи на Прличев за вонвременската поема „Сердарот“

Охрид, 25.март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Арифа Малоска е добитничка на првата награда на манифестацијата „Ораторски средби“ што ја организира Општина Охрид заедно со основните училишта и градската библиотека по повод 155-годишнината од доделувањето на ловоровиот венец на охридскиот поет Григор Прличев за неговата поема „Сердарот“.

Малоска е ученичка во деветто одделение во Основното училиште „Братство“ во Охрид, а настапи со фрагменти од поемата на Прличев под менторство на нејзината наставничка по македонски јазик Јованка Љаткоска. Трета наградата освоија ученичките Елизабета Софраноска и Теодора Николоска, a второто место го освои Сара Паункоска. На останатите основци им беа доделени пофалници за нивното учество на манифестацијата.

arifa_maloska

Според тричлената жири-комисија составена од Славица Јанеска и Смиле Наумоски, професори по македонски јазик и литература и Ѓорги Ризески, писател и режисер, сите учесници на манифестацијата покажале свои квалитети и заслужуваат да бидат наградени, но сепак, како што нагласи Наумоски, ловоровиот венец е еден и треба да замине само кај еден учесник.

oratorski sredbi

-Ми е задоволство што му оддадовме почит на Григор Прличев, оној којшто покажа пред 155 години што е уметност, што култура на определен народ, оној којшто го славиме до ден-денес и кој ќе го слават вечно и идните поколенија. Прличев има следбеници а тоа го видовме низ многу книжевни настани. Конкурсот беше најавен како ораторство, но се јавија рецитатори, и секако, тој премина во еден друг квалитет што особено ми е задоволство затоа што, сепак, Прличев се рецитира, рече Наумоски.

olga_prliceva

На доделувањето на ловоровиот венец присуствуваше и правнуката на охридскиот преродбеник, Олга Прличева која специјално за оваа пригода допатува од Софија.

– Прличев не беше само поет, туку и книжевен ерудит. Нема литературен жанр, дури и во областа на прозата во кој тој не творел. Тој меѓу своите современици беше познат и како одличен оратор и токму затоа именувањето на овој конкурсoт во Охрид како „Ораторски средби“ е оригинален, рече Прличева која пред охридските основци долови дел од поучните слова на нејзиниот прадедо.

На директорот на ОУ “Братство Единство“, Муарем Доко,  Прличева му врачи копија од необјавено дело на Григор Прличев, како признание за училиштето за победата на Арифа Малоска на ораторскиот натпревар.

Претседателката на Советот на Општина Охрид Гордана Коњановска најави дека општината ќе продолжи и во иднина да ги организира и поддржува ваквите манифестации преку кои се чествува ликот и делото на Прличев.

– Чествувањето на делото на Прличев не е само наша обврска, туку тоа енаша света должност. Прличев е човекот кој веројатно и најмногу го задолжи овој град со своето дело. Тој е човекот кој ја испрати најсилната порака – „Совршенство или смрт“, рече Коњановска.

На денешен ден во 1860 година во грчката престолнина Атина, македонскиот поет и преродбеник Григор Прличев се закити со ловоровиот венец освојувајќи ја првата награда за неговата поема „Сердарот“ поради што бил наречен и „Втор Хомер“. (Крај)

извор:ОхридПрес  фото:ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука