swissair

Швајцарија ќе им продава чист планински воздух на Кинезите

Берн, 21. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Швајцарски стартап собира свеж воздух за да го продава на жителите во најзагадените држави, како Кина и Индија.

Според компанијата, воздухот е собиран од повеќе локации на Швајцарските Алпи и е компресиран во аеросолна конзерва. Тоа доаѓа со маска за лице која помага за вдишување на воздухот.

Конзерва од седум литри со воздух чини 19.95 швајцарски франци, или 1000 денари и содржи доволно воздух за 120 вдишувања, поточно за 10 минути.

– Овој производ е за популации кои живеат со ужасно загадување секојдневно, загадување кое може да им го скрати животот и да им создаде здравствени проблеми. Една конзерва од Швајцарија не е одговор на нивниот проблем, но убаво е да се дише чист, свеж воздух дури и за кратко, изјави извршниот директор на компанијата Дени Вур.

Тој вели дека очекува неговата нова компанија да стане „голем светски играч во новиот пазар за воздух за дишење“, потврдувајќи дека првата тура на нарачки веќе е извршена. Тој додаде дека компанијата бара инвеститори за да го олесни растот.

Компанијата исто така е насочена и кон европските граѓани.

Ова не е првпат швајцарскиот воздух да се најде на продажба. Во февруари, друга компанија започна да полни тегли со чист воздух кои чинеа 167 долари. (Крај)

извор: Радио МОФ фото: архива