kandidatikafe

Кандидатите со заедничко кафе и подадена рака ја почнуваат кампањата во Охрид

Охрид, 24. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Како што доликува на кандидати за градоначалник на град како Охрид, професорот Јован Стојановски и д-р Митко Тилевски денес испија заедничко кафе во центарот на градот.

Средбата на која присуствуваше и независниот кандидат за прв човек на Охрид Стевче Стевоски, првиот човек на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Пецаков, пратеникот Томислав Тунтев и други членови на двете партии, дојде на иницијатива на ОО на СДСМ од Охрид, веднаш по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори во Општина Охрид. Охридските социјалдемократи иницираа и потпишување на договор за фер борба на претстојните локални избори.

Кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на СДСМ и коалицијата, професорот Јован Стојановски ќе биде под број 19, д-р Митко Тилевски предложен од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е под број 13, а независниот кандидат за прв човек на Охрид, Стевче Стевоски го носи бројот 44. За Охрид беа поднесени и прифатени пет листи за советници. Носителите од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе ги имаат истите редни броеви како и кандидатите за градоначалник, додека носителот од ДПА ќе биде под број 15, Коалицијата ДУИ, Алијанса за Албанците и БЕСА, ќе бидат четврти, а носителот на независна советничка листа, Љупчо Настоски ќе биде под број 24.

Вечерва на полноќ започнува кампањата во пресрет на локалните избори закажани за 15-ти октомври. Ќе трае до 13-ти октомври на полноќ. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива