Избор Охрид Партии

ВМРО-ДПМНЕ: СДС Охрид ги копира нашите проекти кои претходно ги критикуваше

Охрид, 26. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – СДС Охрид е изгубена и сака да ги копира проектите на ВМРО-ДПМНЕ кои претходно ги критикуваше, стои во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ на изнесеното на денешната прес конференција на ОО на СДСМ од Охрид.

Очигледно професорот како што ги промашува предавањата на своите часови и несоодветствуваат со наставните единици така и овој пат ја промашува темата. Навистина е прашање како е возможно некој да мисли дека граѓаните ништо не паметат и со евтин политички маркетинг во пресрет на избори се обидуваат да покажат грижа за граѓаните во Охрид. За Локалната власт во Охрид предводена од ВМРО-ДПМНЕ секогаш грижата за граѓаните била пред личните интереси, и сите биле подеднакво важни. За разлика од нас СДС повторно ја покажуваат нивната лицемерност и прават разлика меѓу граѓаните потценувајќи ги и делејќи ги според местото и средината на живеење. Пред вистината и боговите молчат. Нови улици, водоводни системи, канализациони мрежи, фекални атмосферски канализацији, патишта, плоштади, рекреативни патеки и игралишта, се новиот лик на Охрид. И покрај затекнатата лоша финансиска состојба токму од тие коишто ветуваат брда и долини, сепак таа беше стабилизирана и сите јавни претпријатија беа рестартирани и ставени во вистински и ефикасен сервис на сите граѓани. Мислат на депонија а не фабрика за отпад за тоа се вистински експерти, стои во дописот.

Од партијата додаваат дека се реализирани 789 проекти за граѓаните на Охрид.

– Изградени се 86 патишта во должина од 35 км, а исто така и 64 водоводни системи во должина од 20 км. Три тениски терени и две повеќенаменски игралишта. Граѓаните ги препознаваат празните зборови и манипулации наспроти делата кои се нивна реалност. Асфалтирани локалните патни правци во руралните средини: Велестово, Вапила-Ливоишта, месноста „Кромидишта“ во Рача, Елешец-Елшани, Вапила-Сирула, помеѓу селата Долно и Горно Лакочереј, Лескоец, Коњско, „Живко Чинго“ во Велгошти, Стара Дравара и Петрино-Лескоец. Во градот: асфалтирани „Питу Гули“, „Богомилска“, „Сирма Војвода“, „Крум Точко“, „Јане Сандански“, „Железничка“ и уште многу, многу проекти. Зарем треба ли уште да набројуваме? Ве советуваме да ја земете книгата „Отчет“ и може ќе разберете. ВМРО-ДПМНЕ секогаш работи со реална Програма, гради дела, и за тоа дава отчет. Овие три работи се мисловна именка за СДС коишто никогаш нема да разберат. СДС поради негрижата за граѓаните, конечниот суд ќе го види на 15-ти октомври, на претстојните локални избори кога жестоко ќе бидат поразени уште во првиот круг, реагираат од партијата. (Крај)

извор: ВМРО-ДПМНЕ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука