vodostojohrid

Охридското Езеро денес на кота од 693,22 метри надморска височина

Охрид, 30. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро веќе четири дена по ред е на котата од 693,22 метри надморска височина. Според официјалните податоци, минимална кота е на 693,10, а максималната е 693,75 метри над нивото на морето.

Изминативе денови охриѓани преку медиумите и социјалните мрежи реагираат дека е повторно видно намален водостојот на езерото. Еколозите и експертската јавност веќе подолго време предупредуваат дека Охридското Езеро се користи како акумулација со тоа што вештачки се регулира и таквиот пристап доведува до променливи состојби кои се опасност за живиот свет во езерото. Според стручните лица од Хидробиолошкиот завод ендемичните видови живеат во ареали и тоа токму во крајбрежните делови каде што се и најзабележливи промените во водостојот. Па, нормално ваквите промените со нивото на водата претставуваат опасност за живиот свет.

По реакциите на јавноста со став излегоа и од ЕЛЕМ од каде напоменаа дека производството на електрична енергија од акумулациите „Глобочица“ и „Шпилје“ не смее да влијае негативно врз водостојот на нивото на Охридското Езеро, а со тоа и врз езерскиот еко-систем.

Драган Миновски директор на „ЕЛЕМ“ од Охрид порача дека „компанијата води сметка истотото да биде постојано во рамки на оптималното“.

– Годината беше сушна, дотоците се многу мали. Затекнавме загрижувачка состојба на сите акумулации во земјата. Ние ќе се потрудиме да ги задржиме нивоата на сите акумулации во некаква оптимална состојба, притоа обидувајќи се да искористиме максимум од потенцијалот, истакна Миновски кој додаде дека неодамна биле остварени средби со претставници на еколошките здруженија од Охрид и Струга, при што било договорено формирање работни групи што координирано ќе работат на подобрување на состојбите со нивото на Охридското Езеро.

Договорено било котата на нивото на езерото да биде секојдневно ажурирана и објавена на веб-страницата на „ЕЛЕМ“, во насока на транспарентност на компанијата што стопанисува со водите од езерото. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива