IMG_5442

Стојаноска: Децата во Охрид се интересираат за ракометот, а тајните на играта може да ги научат во ракометната школа „Вардар седмерец“

Охрид, 2. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Ракометниот клуб „Вардар“ го прошири своето семејство со ракометната школа „Вардар седмерец“, што од оваа учебна година започна да функционира во Охрид.

За начинот на работа, уписите и интересот кај децата за ракомет и воошто за спортување, разговаравме со Катерина Стојаноска, професор по физичко и здравствено образование и тренер во ракометната школа „Вардар седмерец“.

Супер радио: Како се дојде до оваа соработка, РК „Вардар“ да отвори школа и во Охрид?

Стојаноска: Во Охрид веќе пет години работи ракометната школа „Седмерец“. Имавме тренинзи во спортските сали во основните училишта „Св.Климент Охридски“, „Св.Наум Охридски“ во Пештани и во салата „Тодор Александров“ во селото Велгошти. Оваа година нашата ракометна школа отиде еден чекор понапред, стана дел од семејството на ракометните школи на „Вардар“ и се ребрендира во „Вардар седмерец“.

Супер радио: Кој се може да биде дел од оваа ракометна школа?

Стојаноска: Дел од оваа школа можат да бидат сите заинтересирани деца од прво до деветто одделение. Децата се поделени во две мешани групи, значи машки и женски. Чланарината е 600 денари, а доколку има две или три деца од исто семејство, даваме попуст. Инаку, уписи се вршат на секој тренинг.

rakometna_skola_4_360x640

Супер радио: Каде се одвиваат тренинзите и во кои термини?

Стојаноска: Оваа година тренинзите се одржуваат во спортската сала „Тодор Александров“ во селото Велгошти, секој вторник и четврток од 19-20 часот и во ОУ „Христо Узунов“ секој понеделник и среда од 19:30 до 20:30 часот. Инаку, работиме во две групи, децата се селектирани. Првата е за деца од прво до петто одделение, а другата група за деца од шесто до деветто одделение. Тренинзите ќе се одржуваат до крајот на учебната година. Кога сме кај ова, работиме со најнови реквизити и средства коишто се потребни за децата да можат најдобро да ја разберат ракометната игра и да навлезат во тајните на ракометот.

rakometnaskola3

rakometnaskola2

Супер радио: Каков е досега одзивот, колку децата во Охрид сакаат да спортуваат?

Стојаноска: Моментално сме задоволни од одзивот, досега имаме запишани 80 деца, а оваа бројка ја достигнавме за многу краток период. Со оглед на тоа што има голем интерес планираме да обезбедиме и дополнителни термини за тренинзи и во други училишта.Особено ме радува тоа што децата се интересираат за спортот, сакаат да ја трошат енергијата во правилна насока за здрав раст и развој.

rakometnaskola1

Супер радио: Кои се придобивки,освен навлегувањето во тајните на ракометот, ќе ги имаат децата кои се членови на школата?

Стојаноска: Во текот на тренажниот процес учениците ќе бидат посетени од врвните ракометари на „Вардар“, кои како што знаеме се актуелни европски шампиони, пришто секое дете ќе добие дрес од клубот. Со самото тренирање и со самиот континуитет и желбата на децата да спортуваат, ќе им овозможиме да учествуваат во мини лигата на „Вардар“, да се натпреваруваат, а ракометната школа „Вардар“ ќе им овозможи да учествуваат на летни и зимски кампови. Покрај тоа, сите членови на нашата школа „Вардар седмерец“ ќе добиваат бесплатни карти за натпреварите на „Вардар“ во СЕХА лигата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/„Вардар седмерец“