sudskasluzba-640x360

Судиите – поротници бараат по 500 денари од судење, во спротивно ќе штрајкуваат

Скопје, 4. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Судиите-поротници бараат зголемување на износот што го добиваат за едно судење. Тие бараат по 500 денари од судење, во спротивно најавија штрајк.

Судскиот совет на денешната седница расправа за итноста од решавање на ова прашање. Членовите на советот се изјаснија дека критериумите за избор на судија-поротник се превисоки и поради недостигот се одлагаат судења.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџоски, закажа итна седница со министрите за финансии и за правда за решавање на ова прашање.

Според правилникот за надоместоците на судиите-поротници, донесен за време на министерувањето на Михајло Маневски од 2010 година, а кој го замени претходниот правилник од 1997 година, надоместокот за вршење на работите на судија-поротник во основните судови со основна надлежност изнесува 125 денари, во основните судови со проширена надлежност се 200 денари, исто колку и во апелациските судови.

За некој да биде избран за судија-поротник треба да има завршено високо образование, да ужива углед во средината и да не е постар од 64 години. Доколку поротникот биде избран, тој се распоредува да постапува со судии во граѓанските, кривичните и стопанските предмети каде што судат во Совет од судија и двајца поротници или двајца судии и тројца поротници во кривичните предмети каде што се предвидени високи затворски казни.

Гласот на судиите поротници на гласањето е исто важен како и тој на судијата или судиите, па не често, но има ситуации каде што гласовите на поротниците се одлучувачки за казните. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива