postenskamarka

Промовирана првата поштенска марка во светот „Деца со ретки болести“

Охрид/Скопје, 4. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонската филателија е побогата за уште една поштенска марка, „Деца со ретки болести“, со што Македонија стана правта земја во светот што испечатила примерок на поштенска марка посветен на децата со ретки болести.

Идејата потекна од Гордана Лолеска, вработена во Македонска Пошта А.Д., подружница Охрид, која е член и волонтер на здружението „Живот со предизвици“.

Лолеска неодамна за Цивил Медиа изјави дека идејата за печатење поштенска марка посветена на лицата со ретки болести потекнувала од 2014 година.

– Покрај здружението и поддршката од моите колеги, добив и огромна поддршка од целокупната лекарска фела во Охрид и од Клиничкиот центар – Скопје, за што сведочат многу писма со поддршка кои беа доставени заедно со барањето за издавање на поштенската марка. Во ноември 2015 година, го доставивме барањето до Бирото за филателија при Македонска Пошта, а одговорот дека барањето е одобрено, од Советот за марки при Македонска Пошта го добив дури во ноември 2016 година, бидејќи тогаш се носи програмата за печатење поштенски марки, рече Лолеска.

Автор на поштенската марка со номинална вредност од 48 денари е дизајнерот на Бирото за филателија, Лоран Куфало, а е издадена во тираж од 6.000 примероци. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива